Форматот „Славков 3“ (Австрија, Чешка и Словачка) активно ја поддржува евроинтеграцијата на Македонија преку видливи проекти на терен и застапување на земјата на европската агенда, истакнаа дипломатите на панел-дискусијата.
Австрискиот амбасадор нагласи дека Македонија е втора земја надвор од ЕУ каде оваа група реализира конкретни проекти, особено во областа на алпскиот и одржливиот туризам. Со заеднички сили се работи на изградба и обновување на пешачки патеки и планински домови до Водно, Титов Врв, Шар Планина и Пелистер.
Во однос на европските придобивки, дипломатите потсетија на значењето на Планот за раст и 140-те милиони евра за реформи, користа од SEPA системот за плаќање, како и најавата дека за една до две години Македонија ја очекува и зона без роаминг со ЕУ.
„Се соочуваме со многубројни кризи ширум светот – прашањата поврзани со Украина, Молдавија и така натаму – затоа е важно земјите од овој регион, а особено Македонија, да имаат некој што се залага за нивната интеграција и им дава поддршка. Кои се конкретните, видливи резултати? На пример, SEPA, Единствениот европски систем за плаќање, што значи значително помали трошоци за трансфер на пари и плаќања. Потоа, секако, Планот за раст: Македонија успешно спроведе многу реформски проекти и е посветена на продолжување на тој процес, што сега резултира со доделување 140 милиони евра за земјата, наменети за понатамошни активности. И она што допрва следи, иако спроведувањето не е едноставно, сепак е многу важно и лично го сметам за значајно е зоната без роаминг во ЕУ. Тоа значи дека наскоро, веројатно во рок од една или две години, повеќе нема да има трошоци за роаминг“, потенцира Памер.
Заменичката амбасадорка на Чешка, Андреа Штајнер Вотавова, додаде дека силата на „Славков“ лежи во спојувањето на европските приоритети со опипливите резултати, истакнувајќи ја како успешен пример веќе завршената патека од Долно Соње до врвот на Водно, финансирана од Чешка.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата