Премиерот Христијан Мицкоски и лидер на ВМРО-ДПМНЕ смета дека во моментов е неодговорно кон државата да се организираат предвремени парламентарни избори, иако, како што вели, ако се гледа од политички аспект на неговата партија, тоа и одговара.
Но, додава, ако се гледа суштински тоа не би било добро за државата, бидејќи во следните две години таа треба да најде пет милијарди евра.
Од нив, следната година треба да се најдат 2,3 милијарди евра, а ако има избори и шест месеци техничка влада, тоа нема да може да се направи и државата ќе банкротира.
Тоа, вели, се обврски што треба да се подмират, парите што биле земени за време на короната треба да се вратат, дел од долговите треба да се рефинансираат, каматите треба да се платат, а треба, како што нагласи, да се покрие и буџетскиот дефицит.
Според Мицкоски, во 2028 година, кога треба да се одржат редовните избори, ќе биде многу полесно.
Иако, како што рече, ќе треба да се обезбедат повеќе средства – околу 2,7 милијарди евра, ќе може дел од обврските да се пренесат во 2029 година, бидејќи таа година е единствената година која минатата влада не ја пополнила со задолжување со еврообврзница.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата