Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, по повод 13 Ноември – Денот на ослободувањето на градот, утрово остварил средба со претставници на Градскиот одбор на Сојузот на борците од Народноослободителната антифашистичка војна на Македонија.
Ѓорѓиевски истакна дека одбележувањето на празникот е потсетник на жртвата и храброста на борците кои го ослободиле Скопје по неколкудневните тешки борби со фашистичкиот окупатор.
Во ослободителните операции учествувале 42. и 50. народноослободителна дивизија и 16. македонска бригада.
Градоначалникот им се заблагодарил на претставниците на Сојузот на борците за нивната посветеност во зачувувањето на споменот на ослободителите и пренесувањето на историското наследство на помладите генерации.
„Тие се изборија за слободата. Наша должност е да бидеме достојни за неа“, порача Ѓорѓиевски, нагласувајќи дека Скопје треба да продолжи да се гради врз вредностите на достоинството, солидарноста и заедништвото.
Тој оддаде почит на загинатите борци и порача дека нивната жртва треба да остане траен завет за идните генерации.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата