logo
logo
logo

Патот до работа станува прескап

26.000 денари плата, 6.500 за билет: РАБОТНИК ОД ТЕТОВО ЧЕТВРТИНА ОД ПЛАТАТА ДАВА САМО ЗА ПРЕВОЗ ДО СКОПЈЕ

Vecer | 04.09.2026

26.000 денари плата, 6.500 за билет: РАБОТНИК ОД ТЕТОВО ЧЕТВРТИНА ОД ПЛАТАТА ДАВА САМО ЗА ПРЕВОЗ ДО СКОПЈЕ

Поскапувањето на меѓуградскиот превоз станува сериозен удар врз домашниот буџет, особено за работниците кои секојдневно патуваат до своето работно место. На релацијата Тетово–Скопје месечниот билет од 1 септември е зголемен од 5.500 на 6.500 денари, што значи дополнителни 1.000 денари секој месец, односно 12.000 денари повеќе годишно. За работник со плата од 26.000 денари, тоа значи дека 25 отсто од месечниот приход оди само за превоз, а годишниот трошок за патување до работа достигнува 78.000 денари. Токму поради ваквите трошоци, граѓани и работници преку отворено писмо бараат од институциите да се преиспита начинот на формирање на цените на меѓуградскиот превоз.

Но, Тетово не е единствениот пример.

За релацијата Куманово–Скопје месечниот билет изнесува 6.000 денари, додека за Гостивар–Скопје достигнува 8.000 денари, што е 96.000 денари годишно само за одење и враќање од работа. За плата од 26.000 денари, тоа е повеќе од 30 проценти од месечните примања.

Во писмото се отвора и прашањето зошто постојат толку големи разлики меѓу одделни релации. Како пример се споредуваат Скопје–Катланово и Тетово–Скопје.

За околу 35 километри на релацијата Скопје–Катланово месечниот билет е 1.600 денари, додека за околу 40 километри Тетово–Скопје е 6.500 денари. Разликата е 4.900 денари месечно, односно 58.800 денари годишно.

Авторите на писмото посочуваат дека клучната разлика е во постоењето јавна алтернатива. На релацијата Скопје–Катланово има јавен градски превоз, додека патниците Тетово–Скопје во најголем дел зависат од приватниот меѓуградски превоз.

Тие прашуваат и врз кои економски параметри се формираат цените, дали последните поскапувања соодветствуваат со реалното зголемување на трошоците на превозниците и која институција ја контролира нивната оправданост и законитост.

Во писмото се отвора и прашањето за различниот третман на работниците кога станува збор за трошоците за патување до работното место.

Како пример се наведуваат пратениците кои живеат надвор од Скопје. Според податоци на Радио Слободна Европа цитирани во писмото, во периодот од 28 мај 2024 до 30 јуни 2025 година на 65 пратеници им биле исплатени 18,6 милиони денари за гориво и патарини.

Авторите нагласуваат дека ова не го посочуваат за да ги напаѓаат пратениците, туку за да го отворат прашањето дали и за обичните работници постои правичен систем кој го зема предвид реалниот трошок за патување.

Дополнителен проблем, според нив, е што високите цени на превозот ги туркаат граѓаните кон преселување.

„Кога секојдневното патување станува прескапо, граѓаните се доведуваат пред избор: да плаќаат илјадници денари секој месец или да се преселат таму каде што работат или студираат“, се наведува во писмото.

Од институциите се бара да го преиспитаат последното зголемување на цените, да ги објават критериумите по кои тие се формираат, да проверат дали се почитувани законските обврски, да ја испитаат конкуренцијата на најфреквентните линии и да обезбедат функционален и достапен јавен меѓуградски превоз, вклучително и субвенционирани и семејни билети.

Бараат и системот за надомест на патните трошоци да се усогласи со реалните трошоци на работниците кои живеат надвор од местото каде што работат.

„Не бараме однапред да застанете на страната на патниците. Бараме да го поставите прашањето“, се наведува во апелот до медиумите.

Писмото завршува со порака која ја сумира суштината на нивното барање:

„Дали сакаме држава во која човек мора да се пресели во Скопје за да може да работи или студира таму? Не сакаме да се селиме. Сакаме да можеме да работиме и студираме.“

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk