Нови законски измени

НАЛЕПНИЦИ ЗА СИТЕ АВТОМОБИЛИ, 500 евра казна за отстранување!

Vecer | 17.11.2026

НАЛЕПНИЦИ ЗА СИТЕ АВТОМОБИЛИ, 500 евра казна за отстранување!
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Сите возила во државата ќе добијат визуелно исти налепници, преку кои полицијата и надлежните институции електронски ќе проверуваат дали автомобилот е регистриран, осигурен, технички исправен и во која еколошка категорија припаѓа, предвидуваат измените и дополнувањата на Законот за возила што ги предложи Владата, а веќе се наоѓаат во собраниска процедура. Личните податоци за сопственикот нема да бидат јавно видливи на самата налепница, но за нејзино отстранување, оштетување, преправање, уништување или пренесување на друго возило се воведува висока парична казна од 500 евра. Една од најзначајните новини директно за граѓаните е обврската при секоја промена на мобилниот телефонски број или електронската пошта, сопственикот најдоцна во рок од три дена да ги ажурира податоците во станица за технички преглед, во спротивно ќе се соочи со глоба од 100 евра.

Иако налепниците ќе изгледаат идентично, еколошката поделба на три категории, зелена, жолта и црвена, останува на сила, а трошокот за категоризацијата ќе го сносат сопствениците според ценовник што дополнително ќе го утврди министерот за енергетика. Во зелената категорија влегуваат електричните, хибридните и возилата со стандард „еуро 5“ и повисок, како и одредени автомобили со „еуро 3“ и „еуро 4“ кои имаат вграден плински уред или опрема за намалување на емисиите. Жолтата категорија е резервирана за возилата со „еуро 3“ и „еуро 4“, додека црвената ги опфаќа постарите модели со „еуро 2“ и понизок стандард, при што од оваа обврска ќе бидат изземени само одредени службени возила и возила на лица со попреченост и тешки здравствени состојби. Паралелно се проширува и Регистарот на возила, во кој секојдневно ќе се внесуваат податоци за издувните гасови, поминатите километри, осигурувањето, увозот и нотарските промени на сопственост, до кои пристап ќе имаат повеќе државни органи, вклучувајќи ги УЈП, Финансиската полиција, Царината, МВР, нотарите и извршителите.

Законските измени носат и ригорозна контрола врз станиците за технички преглед, кои при утврдени неправилности при мерењето на издувните гасови, сопирачките или системот за управување можат да добијат привремена забрана за работа од 30 дена, па дури и трајно одземање на лиценцата, со парични казни за фирмите кои достигнуваат до 10.000 евра. За да се спречат злоупотреби, стручните испити за вработените во техничките служби ќе се снимаат, а дел од полагањата ќе се емитуваат и во живо на веб-страницата на Министерството за енергетика. Дополнително, предлог-законот отвора можност земјоделците и граѓаните преку судска постапка и нотарска изјава конечно да го легализираат сопственичкиот статус и да ги регистрираат тракторите, приколките, мотокултиваторите и приклучните возила кои досега не можеле да ја завршат оваа процедура.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk