Охридското обвинителство поднесе обвиненија против двајца и нивните фирми за смртта на 28-годишниот снимател, фотограф и продуцент Кристијан Љушев, кој во јануари годинава загина откако падна во необезбедено окно за лифт во зграда во изградба, каде извршувал работни задачи.
Обвинителството ќе ги гони за 4 кривични дела.
„Основното јавно обвинителство Охрид поднесе обвинителен предлог против 2 физички и 2 правни лица за кривичните дела Тешки дела против општата сигурност по член 292 став 4, во врска со член 288, став 4, Предизвикување општа опасност по член 288 став 5, Повреда на правата од работен однос по член 166 и Непреземање мерки за заштита при работа по член 170 од Кривичниот законик. Првиот обвинет, одговорно лице во едно од обвинетите правни лица, не постапил според техничките правила за мерките за заштита предвидени во Законот за градење и со тоа предизвикал опасност за животот на луѓето. Како инвеститор, тој градел зграда, но иако објектот сè уште бил во градба, не презел заштитни мерки – лифтовското окно во објектот не го заштитил со заштитна ограда, градилиштето не го одржувал во уредна состојба без непотребен шут и отпадоци, влезот во зградата не го обезбедил за да не влегуваат неовластени лица, а на скалите не поставил огради за да се спречат несакани падови“, соопшти Јавното обвинителство.
На 12 јануари, во утринските часови, во зградата влегле четворица работници ангажирани од второто обвинето правно лице, кои заедно носеле дел од мебел, се додава во соопштението.
„Кога пристигнале на четвртиот кат во зградата во градба, еден од работниците со ногата се сопнал од кофа оставена во ходникот, изгубил рамнотежа и паднал во окното – отворот во зградата за лифт, сè до подрумските простории. Од падот се здобил со многу тешки телесни повреди и починал на лице место“, соопшти Обвинителството.
Со обвинението е опфатено и правното лице кое ги ангажирало работниците и неговиот управител, бидејќи свесно не се придржувале кон законот за работни односи и кон мерките за заштита при работа, додава ЈО.
„Сега починатиот работник Кристијан Љушев го ангажирале без договор за вработување, во целосно непријавен работен однос. Дозволиле оштетениот да извршува работни задачи како помошник монтер, без да помине основна обука за безбедност и здравје при работа, без здравствен преглед и на работникот не му дале упатства за работа во специфични услови за работа и при сериозен и зголемен ризик по безбедноста и здравјето на работниците. Без увид и проценка на работната средина работниците работеле врз основа на усмен работен налог од управителот во работен простор – зграда во изградба, каде постоела зголемена опасност и ризик по нивната безбедност. Со ваквото непридржување на прописите за мерките за заштита обвинетиот го изложил и предизвикал опасност по животот на работникот“, соопшти Јавното обвинителство.
Со цел да спречи статусни промени и отуѓување на имотот на правните лица во текот на постапката, јавниот обвинител до Основниот суд во Охрид достави и предлог за определување мерка за обезбедување, забрана за статусни промени во двете обвинети фирми.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата