Поларниот вител, огромен систем од силни ветрови што го задржува студениот воздух заробен над Северниот Пол, годинава се распадна најрано откако постојат инструментални мерења од 1958 година, пишува „Фајненшел тајмс“.
Ветровите во стратосферата, на височина од 10 до 50 километри, кои вообичаено дуваат кон запад, оваа недела го променија правецот како последица на нагло стратосферско затоплување. Со тоа за повеќе од две недели е срушен досегашниот рекорд од 28 ноември, кој беше забележан во 1968 и повторно во 2025 година. Главниот научник во Европскиот центар за среднорочни временски прогнози, Тим Стокдејл, предупредува дека оваа појава е уште еден силен симптом дека климатскиот систем на Земјата влегува во сосема непознато подрачје, што дополнително ги отежнува долгорочните временски прогнози.
Овој метеоролошки екстрем се случува во година кога ширум светот се уриваат рекордите за температурата на морињата и воздухот, а според податоците на европската служба „Коперникус“, минатиот месец бил најтоплиот октомври во историјата. Истражувачите посочуваат дека распадот на вителот е нова пресвртница во ерата на загревање на климата и невообичаените атмосферски феномени, меѓу кои е и рекордно силниот Ел Нињо во Тихиот Океан. Од Британскиот метеоролошки завод велат дека постои „интригантна врска“ меѓу овие две појави, бидејќи за време на Ел Нињо тропскиот Пацифик ослободува огромна топлина која патува низ атмосферата и може да поттикне нагло загревање на стратосферата и бури на илјадници километри оддалеченост.
Во минатото, распаѓањето на поларниот вител и продорот на арктичкиот воздух често носеа екстремни студови, како што беше случајот со ледениот бран „Ѕверот од истокот“, кој на почетокот на 2018 година ги замрзна централна и западна Европа, или пак со острата зима што го погоди Њујорк претходно годинава, најсилна во повеќе од еден век. Сепак, научниците велат дека овојпат е тешко да се предвиди дали такво сценарио ќе се повтори. Скот Оспри од Националниот центар за атмосферски науки и Универзитетот во Оксфорд појаснува дека арктичкиот воздух на самиот почеток од сезоната сè уште не е толку студен како во декември или јануари, но нагласува дека промената сепак може да создаде услови за снежни врнежи во наредните недели, како и нови изненадувања подоцна во текот на зимата доколку дојде до втор бран на загревање на стратосферата.
Покрај студот и снегот, ваквиот распад на вителот може да донесе и подолготрајно суво време во посеверните региони. Иако на прв поглед тоа може да звучи поволно, експертите предупредуваат дека сушата би создала сериозни проблеми за земјоделството и за водостоите на акумулациите кои по жешкото лето мора повторно да се наполнат. Реган Мудхар, истражувачка од Универзитетот во Лозана, потсетува дека поларниот вител вообичаено ја достигнува својата полна сила дури кон крајот на декември или почетокот на јануари, но предупредува дека последиците од ваквите рани нарушувања можат да траат со недели, па дури и со месеци, оставајќи силен печат врз временските прилики во Европа, Северна Америка и северна Азија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата