Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во септември достигна 49.141 денар (800 евра) и е поголема за дури 8,1 процент во однос на ланскиот септември, што е три пати повеќе од инфлацијата во тој месец (2,7%) во однос на септември 2025 година што значи зголемување на платежната моќ на вработените за разликата помеѓу поголема плата и инфлацијата за 5,6%.
Со тоа, и фактички, Македонија покажува подобри резултати од просекот на Европската унија и Еврозоната.
Според податоците на Евростат, годишната инфлација во Европската Унија во септември 2026 година изнесуваше 3,8% во споредба со 2,6% во септември 2025 година), а во Македонија 2,7%.
Растот на платите и надоместоците на час во Еврозоната се пресметува и прикажуува квартално. Во третиот квартал од 2026 година (јули–септември) таа изнесува 3,6% на годишно ниво во Еврозоната, а во Македонија 8,1% во септември.
Растот на платите со намалена инфлација директно ја зголемува реалната куповна моќ на граѓаните и го зголемува нивниот животен стандард. Кога платите растат побрзо од цените на производите и услугите, граѓаните можат да купат повеќе за својата работа, што ја движи целата економија.

„Ваквото зголемување на платите во Македонија и малата инфлација се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во секторите: Снабдување со вода; отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината за 11.6 oтсто, Административни и помошни услужни дејности за 10.6 отсто и Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли за 10 отсто“, стои во соопштението на Државниот завод за статистика(ДЗС).
Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: Рударство и вадење камен за 6 проценти, во преработувачка индустрија за 3 проценти и во секторот Јавна управа и одбрана; задолжително социјално осигурување за 2.5 проценти.
Највисока просечна плата во септември имало во секторот Информации и комуникации- 88.787 денари, а најниска во секторот Објекти за сместување и сервисни дејности со храна – 35.447 денари.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата