logo
logo
logo

СУДЕЊЕ „ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА“ - Се почна со формирање ново друштво „Ново ВЛТ“ каде Државна лотарија е содружник заедно со „Казинос Аустриа“

Vecer | 02.10.2026

СУДЕЊЕ „ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА“ - Се почна со формирање ново друштво „Ново ВЛТ“ каде Државна лотарија е содружник заедно со „Казинос Аустриа“

Нови проекти за развој на АД „Државна лотарија“, вклучително и формирањето на „Ново ВЛТ“, интернет-платформата „Мегавин.мк“ и иницијативата за самостојно приредување електронски игри на среќа, биле покренати во мандатот на Перпарим Бајрами, сведочеше денеска пред Кривичниот суд Владо Петковски, директор на Секторот за игри на среќа во друштвото.

Сведокот Петковски, вработен во АД „Државна лотарија“ од декември 2017 година и актуелен директор на Секторот за игри на среќа, денеска на судењето за предметот „Државна лотарија“ изјави дека по доаѓањето на поранешниот генерален директор Перпарим Бајрами биле иницирани повеќе нови проекти за развој на портфолиото и зголемување на профитот на компанијата, но посочи дека не може да тврди од кои причини дошло до смената на претходната директорка Катица Николовска Прнакова.

Петковски, одговарајќи на прашања од обвинителството, рече дека во текот на својот ангажман во компанијата извршувал повеќе раководни функции.

– Вработен сум во Лотарија од декември 2017 година. Работам на позиција директор на продажба и комерција. Во текот на своето работење сменив неколку раководни позиции. Следната е директор на игри на среќа, потоа главен меѓусекторски директор кој опфаќаше три сектори – изјави сведокот.

На прашањето дали му се познати причините за смената на Катица Николовска Прнакова и назначувањето на Перпарим Бајрами, сведокот одговори „не можам да тврдам, да ја кажам причината зошто беа променети“.

Во врска со работењето на двајцата директори, Петковски направи споредба само во делот на развојните политики на компанијата.

– Можам да кажам само во однос на развојот на компонентите, портфолиото на Државна лотарија. Во времето на Катица речиси немаше никакви нови проекти. Откако дојде новиот директор, проактивно се ангажираше за имплементација на нови проекти со цел зголемување на портфолиото и раст на профитот на Државна лотарија – рече тој.

Според сведокот, меѓу првите иницијативи било формирањето на друштвото „Ново ВЛТ“.

-Се почна со идејата за формирање ново друштво по примерот на веќе постоечкото друштво Државна видео лотарија, каде Државна лотарија се јавува како содружник заедно со „Казинос Аустриа“. Тоа друштво функционираше речиси две години, се вика „Ново ВЛТ“ – изјави Петковски.

Тој наведе дека потоа следувале проектите „Мегавин.мк“, како интернет-платформа во целосна сопственост на Државна лотарија, самостојното приредување електронски игри на среќа и формирање три интернет-друштва преку заеднички вложувања со приватни партнери.

Објаснувајќи ја идејата зад „Ново ВЛТ“, сведокот истакна дека друштвото било формирано за приредување електронски игри на среќа, но не започнало со работа поради законски пречки.

– Требаше да функционира за приредување електронски игри на среќа, но автентичното толкување на законот не дозволи ова друштво да работи, односно да ги пушти во употреба тие ВЛТ терминали – рече тој.

Според него, намерата била Државна лотарија самостојно да ги организира овие игри.

-Идејата почна да се набават ВЛТ терминали со кои Државна лотарија ќе приредува самостојно и целиот профит ќе остане во Државна лотарија наместо да биде поделен со „Ново ВЛТ“ и „Казинос Аустриа“, изјави Петковски.

Во таа насока, додаде, биле обезбедени повеќе анализи и мислења од релевантни институции.

-Се добија низа документи од професорски мислења, физибилити студии, истражувања на пазар, мислења од владини институции, Министерството за финансии и самата Влада. Се собираа сите поткрепувачки релевантни документи иако веќе беше формирано „Ново ВЛТ“ и сметав дека не би било спорно затоа што јас учествував во сите набавки – рече сведокот.

Тој посочи дека по донесувањето на финансискиот план била спроведена јавна набавка и дека Управата за јавни приходи дала позитивно мислење.

– Врз основа на тоа се донесе финансиски план за набавка на тие апарати. Откако финансискиот план влезе во план за јавни набавки се направи јавна набавка. УЈП се произнесе позитивно, но не стигна согласност од Министерството за финансии бидејќи се донесе тоа автентично толкување на законот, по што сите процеси беа блокирани – изјави Петковски.

Во однос на потеклото на идејата за овие проекти, сведокот изјави дека тие биле предмет на дискусија на колегиумите на раководството.

– Идејата се дискутираше на колегиумот кои ги водеше директорот Перпарим Бајрами. Имаше многу идеи за проактивни проекти, но тие требаше да се проверат најверојатно со релевантни институции на Владата за да се знае законитоста и можноста да се пристапи кон нив, рече тој.

Говорејќи за односот меѓу Перпарим Бајрами и Артан Груби, сведокот рече дека нема непосредни сознанија.

– Не можам да утврдам со сигурност, немам непосредна ситуација каде можам да кажам дека тие двајца се пријатели – изјави Петковски.

Тој додаде дека директорите на Државна лотарија често комуницираат со Владата поради природата на работата на компанијата. На прашање дали некогаш Бајрами го спомнал Груби, одговори дека не се сеќава.

– Можеби го спомнал, но не го спомнал во врска со конкретни работи за Државна лотарија – рече сведокот, додавајќи дека не присуствувал на средба меѓу Бајрами и Груби.

Во текот на рочиштето, јавното обвинителство побара сведокот да биде вкрстено испитан, оценувајќи дека поради дадените одговори повеќе не може да се смета за сведок на странката што го предложила. На предлогот се спротивставија бранителите, меѓу кои Еленко Миланов, како и бранителите на Артан Груби и Јордан Апостолски. Судот го прифати барањето и судењето продолжи со вкрстено испитување на сведокот од страна на обвинителството.

Овој сведок, исто така, во истражната постапка бил испитуван и од страна на обвинителството и како осомничен.

Во предметот „Државна лотарија“, покрај Артан Груби и Перпарим Бајрами, обвинети се и Башким Авди, Методија Димовски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски и Александар Димитриоски.

Според обвинението, тие со пречекорување на службените овластувања предизвикале штета на АД „Државна лотарија“ во износ од 596.125.511 денари.

Сите обвинети во досегашниот тек на постапката се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.

Обвинението го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски, а судската постапка ја води судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk