Новоизбраната раководителка на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) Искра Хаџи Василева порача дека нејзини главни приоритети ќе бидат ефикасен кривичен прогон, целисходна работа на обвинителството и максимално искористување на расположливите ресурси во борбата против организираниот криминал и корупцијата.
По денешното давање свечена изјава пред Советот на јавните обвинители за стапување на функцијата, Хаџи Василева истакна дека приоритетите ѝ се веќе утврдени и дека состојбите во делот на надлежностите на обвинителството ѝ се добро познати.
-Приоритетите се јасни, ефикасен кривичен прогон, целисходност во нашата работа и максимално искористување на ресурсите што ни се ставени на располагање. Свесни сме дека тие во одреден дел се ограничени, но ќе се залагаме за обезбедување повеќе ресурси и за што поефикасно користење на постојните, со цел да постигнеме поуспешни резултати – изјави Хаџи Василева.
Осврнувајќи се на оценките во последниот извештај на Европската комисија дека нема напредок во борбата против корупцијата, новата шефица на ОЈО ГОКК рече дека е свесна за предизвиците што ги носи актуелниот контекст.
-Ќе се обидеме да испорачаме поефикасен и поодлучен кривичен прогон таму каде што тоа е најпотребно, односно во предмети и ситуации што навистина го засегаат јавниот интерес и што се од значење за сите нас, за граѓаните и за општеството во целина – рече Хаџи Василева.
Хаџи Василева беше избрана за раководителка на ОЈО ГОКК на изборите одржани на 28 октомври годинава, освојувајќи 64 гласа од вкупно 171 важечко гласачко ливче. За функцијата се кандидираа пет јавни обвинители: Фатон Азизи, Трајче Пеливанов, Лидија Раичевиќ, Искра Хаџи Василева и Јован Цветановски.
При претставувањето на програмата пред Советот на јавните обвинители, таа истакна дека фокусот на ОЈО ГОКК мора да биде насочен кон борбата против корупцијата и организираниот криминал, како појави што го нарушуваат јавниот интерес, мирот на граѓаните и општествениот напредок.
Изборот на нов раководител беше спроведен поради истекувањето на мандатот на досегашниот шеф на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, кој на оваа функција беше избран во октомври 2022 година.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата