ИСТУРИЛ ДВЕ ШИШИЊА БЕНЗИН ВО ДОМОТ И СЕ ЗАКАНУВАЛ СО ПАЛЕЊЕ – притвор за 54-годишен кумановчанец

Vecer | 21.11.2026

ИСТУРИЛ ДВЕ ШИШИЊА БЕНЗИН ВО ДОМОТ И СЕ ЗАКАНУВАЛ СО ПАЛЕЊЕ – притвор за 54-годишен кумановчанец
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Основното јавно обвинителство Куманово поведе постапка против 54-годишен маж за кривично дело загрозување на сигурноста, откако тој се заканувал дека ќе ги запали својата ќерка и внука, а во семејниот дом истурил и две шишиња бензин. Јавниот обвинител побара одредување мерка притвор за осомничениот.

Како што информираат од Јавното обвинителство, постапката е поведена по кривична пријава од СВР Куманово, а случајот се води за кривично дело загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со ставовите 2 и 1 од Кривичниот законик.

Од Обвинителството посочуваат дека во случајот веќе се преземаат дејствија за обезбедување докази, согласно зајакнатиот механизам за итна меѓуинституционална координација во предметите поврзани со семејно насилство.

Особено загрижувачки е фактот што, според Обвинителството, насилничкото однесување на осомничениот се повторувало. Против него веќе е поднесено обвинение за телесна повреда на неговата ќерка при вршење семејно насилство под дејство на алкохол, а тој предмет е во фаза на судење.

Во најновиот случај, покрај вербалните закани дека ќе ги запали ќерката и внуката, осомничениот презел и конкретни дејствија, истурајќи две шишиња бензин во семејниот дом.

По пријавувањето на настанот била изготвена итна проценка на ризик, која укажала на сериозна опасност по животот, физичкиот и психичкиот интегритет на жртвата и членовите на нејзиното семејство.

Проценката покажала и ризик од повторување на насилството, поради што постои оправдан страв дека осомничениот би можел да ги повтори претходните дејствија, но и да изврши потешко кривично дело, односно да ги реализира заканите.

Поради сериозноста на околностите, јавниот обвинител оценил дека целта на притворот не може да се постигне со друга, поблага мерка, поради што до надлежниот суд предложил определување притвор за осомничениот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk