Има четири потврдени случаи со морбили во државава од кои еден е странски државјанин и три македонски државјани од Велес, Штип и Скопје. Од домашните случаи две се бебиња под 12 месеци и еден е на возраст над 40 години. Во сите три случаи станува збор за невакцинирани лица. Бебињата до 12 месеци не се опфатени со вакцината и нив треба да ги заштитите со вакцинација на сите во околината, изјави денеска министерот за здравство Сашо Клековски.
Институтот за јавно здравје, центрите за јавно здравје, посочи тој, ги завршуваат епидемиолошките анализи за евентуалната поврзаност и можност за поврзаност меѓу случаите и многу наскоро ќе го објавиме тоа дали има поврзаност меѓу тие случаи или не. Потенцира дека услови за прогласување на епидемија во моментов нема.
- Имаме први случаи и тоа што го правиме во услови на епидемија во Косово и на Бугарија е да повикуваме на претпазливост кај граѓаните и кај институциите. Во однос на граѓаните, вакцинирајте се, проверете дали имате две дози на вакцината или дали сте прележале од болеста. Ова посебно го апелирам до здравствените работници да го направат, бидејќи тие се во контакт и се најризични. Во однос на граѓаните, доколку имате температура и осип, не одите на доктор, јавете се на доктор. Сипаниците се високо заразни и секое одење во чекалница го зголемува ризикот од проширување на сипаниците. Главна контакт точка за сипаниците се во основа чекалниците во здравствените установи. Вирусот е активен околу два часа во воздухот и доколку тоа релативно широка зона на ризик и мислам дека треба да бидеме максимално претпазливи во однос на тоа, рече Клековски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата