ПОЛИЦИСКИ АКЦИИ НИЗ МАКЕДОНИЈА: Повеќе лица приведени, пронајдени дрога, пиштоли, муниција и рачна бомба

Vecer | 02.11.2026

ПОЛИЦИСКИ АКЦИИ НИЗ МАКЕДОНИЈА: Повеќе лица приведени, пронајдени дрога, пиштоли, муниција и рачна бомба

Повеќе лица биле приведени, а против неколкумина се поднесени кривични пријави во одделни полициски акции во Македонија, во кои биле пронајдени марихуана, бела прашкаста материја и оружје, информира Министерството за внатрешни работи.

На 1 ноември, во Скопје, полициски службеници привеле тројца мажи на возраст од 26, 33 и 46 години, кај кои биле пронајдени и одземени бела прашкаста материја и марихуана. Истиот ден, во Делчево, бил приведен 38-годишен маж откако полицијата пронашла марихуана кај него при контрола на такси-возило. Во Радовиш, пак, биле приведени двајца мажи на возраст од 24 и 26 години, при што марихуана била пронајдена кај едниот од нив.

На 2 ноември, во Куманово, бил приведен 22-годишен маж кај кого при полициски преглед била пронајдена марихуана.

Во друг случај, СВР Скопје поднело кривична пријава против 33-годишен скопјанец поради сомнение за недозволено поседување и тргување со оружје и експлозивни материи, како и неовластено производство и трговија со наркотични дроги. При претрес во неговиот дом и други простории биле пронајдени 253 куршуми со различен калибар, рачна бомба „М75“, пиштол „Црвена застава“ калибар 7,65 милиметри, пиштол „Берета“ и марихуана.

Кривични пријави поднеле и СВР Велес и СВР Струмица. Во Велес, двајца мажи на возраст од 45 и 50 години се сомничат за трговија со марихуана, откако полицијата ги затекнала при купопродажба. Во Струмица, пак, пријава е поднесена против двајца мажи од Муртино и Воиславци, откако кај второпријавениот била пронајдена марихуана што, според полицијата, претходно ја набавил од првопријавениот.

Од МВР информираат дека за дел од случаите се известени јавните обвинители, а по целосното документирање ќе следуваат соодветни пријави.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk