logo
logo
logo

10 неочекувани работи што го менуваат нивото на глукоза

Vecer | 09.09.2026

10 неочекувани работи што го менуваат нивото на глукоза

Врз начинот на кој телото го користи инсулинот влијаат многу фактори, иако обично се зборува за сите опасности од храната со висок гликемиски индекс или поголеми количества шеќер. Затоа, ако имате дијабетес или го следите нивото на глукоза, водете сметка и за други работи што ви го чинат денот...

Прва асоцијација за покачен шеќер во крвта главно се благите работи, соковите, белиот леб и другите намирници богати со јаглехидрати, но нивото на глукоза не зависи само од она што го јадеме. Врз шеќерот во крвта, всушност, можат да влијаат и стресот, недостатокот на сон, времето од денот, дехидратацијата, па дури и некои секојдневни навики и здравствени проблеми.

Тоа е токму причината зошто пациентите кои имаат дијабетес понекогаш можат да бидат изненадени од ненадеен скок на глукозата, иако не ја промениле исхраната. Се работи за тоа дека организмот реагира на различни надворешни и внатрешни фактори, а некои од нив можат да го нарушат начинот на кој телото го користи инсулинот.

Ако имате дијабетес или од некоја причина го следите нивото на шеќер во крвта, вреди да ги имате предвид 10-те помалку познати поттикнувачи што ги издвои американскиот Центар за контрола и превенција на болести (CDC).

1. Изгореници од сонце

Можеби ви звучи необично, но секоја појака изгореница од сонце претставува поголем стрес за организмот отколку што претпоставуваме. Болката што настанува по прекумерно изложување на кожата на сонце може да предизвика реакција на стрес, а хормоните поврзани со стресот можат да доведат до зголемување на нивото на шеќер во крвта.

Затоа, изгорениците од сонце не се само проблем за кожата, туку можат привремено да влијаат и врз регулацијата на глукозата.

2. Вештачки засладувачи

Производите без шеќер се користат затоа што делуваат како подобра опција за контрола на глукозата од обичниот, бел шеќер. Сепак, истражувањата укажуваат на можноста дека некои вештачки засладувачи можат да влијаат врз нивото на шеќер во крвта.

Секако, потребни се уште истражувања за прецизно да се утврди како различни видови засладувачи влијаат врз метаболизмот, но во секој случај не треба автоматски да се набљудуваат како целосно неутрални засилувачи на вкусот.

3. Кафе, дури и без шеќер

Ако во кафето не додавате шеќер, туку, на пример, пиете кафе со цимет или без ништо, веројатно претпоставувате дека тоа не може да влијае врз глукозата, но вистината е дека кај некои луѓе самиот кофеин може да предизвика реакција на организмот која доведува до раст на шеќерот во крвта.

Со други зборови, истото количество кафе не мора да има ист ефект кај сите, па ако забележувате дека глукозата редовно ви расте по кафето, можно е токму кофеинот да е еден од факторите што влијаат врз вас.

4. Само една непроспиена ноќ

Недостатокот на сон не влијае само врз енергијата и расположението, туку дури и една ноќ во која сте спиеле премалку може да го промени начинот на кој организмот реагира на инсулинот.

Имено, кога телото не го користи инсулинот доволно ефикасно, глукозата потешко преминува од крвта во клетките, што може да придонесе за повисоко ниво на шеќер во крвта.

5. Прескокнување на појадокот

Како што наведува CDC, изоставувањето на појадокот може да биде поврзано со повисоко ниво на шеќер по ручекот и вечерата. Значи, не е важно само она што го јадете за време на главните оброци, туку и начинот на кој ги распоредувате оброците во текот на денот.

6. Времето од денот

Верувале или не, шеќерот во крвта не мора еднакво лесно да се контролира во секој дел од денот. Како што одминува денот, регулацијата на глукозата кај некои луѓе може да биде сè потешка, што значи дека врз резултатите од мерењето може да влијае и времето кога јадете, спиете или го проверувате шеќерот, а не само составот на оброкот.

7. „Феномен на зората“

Доколку шеќерот во крвта ви е покачен наутро, а не сте јаделе ништо во текот на ноќта, причината може да биде таканаречениот феномен на зората.

Станува збор за природен хормонски бран што се јавува во раните утрински часови и кај луѓето кои немаат дијабетес, бидејќи организмот тогаш го зголемува производството на одредени хормони за да се подготви за будење и за почеток на денот.

Кај лицата со дијабетес оваа хормонска промена може да доведе до забележлив скок на глукозата во крвта.

8. Дехидратација

Кога не внесуваме доволно течности, во организмот има помалку вода, поради што глукозата може да биде поконцентрирана во крвта.

Тоа е причината зошто ендокринолозите препорачуваат доволен внес на вода како важен дел од секојдневната контрола на шеќерот, па немојте да се изненадите ако забележите повисока глукоза во период кога сте внесувале премалку течности.

9. Спреј за нос

Некои од спрејовите за нос содржат состојки што можат да го поттикнат црниот дроб да произведува и да ослободува повеќе глукоза, па луѓето кои го следат нивото на шеќер треба да обрнат внимание и на лековите и препаратите што ги користат, дури и кога делуваат целосно неповрзано со дијабетесот.

Ако имате дијабетес и користите некој спреј за нос, најдобро е да го проверите упатството и, по потреба, да прашате лекар или фармацевт дали тој може да влијае врз нивото на шеќер.

10. Болести на непцата

Проблемите со непцата можат да имаат многу пошироко влијание врз здравјето отколку што обично се мисли.

Болеста на непцата се поврзува со дијабетесот во двата правци: дијабетесот може да го зголеми ризикот од проблеми со оралното здравје, додека болестите на непцата и воспалителните процеси можат да ја отежнат контролата на шеќерот во крвта. Како што истакнуваат стручњаците, затоа редовната хигиена на усната шуплина и контролите кај стоматолог не се важни само за забите и непцата, туку можат да бидат дел од пошироката грижа за здравјето кај лицата со дијабетес.

Обрнете внимание и на она што може да го намали шеќерот

Иако е важно да се знае што може да предизвика скок на глукозата, постојат и фактори кои можат да доведат до спротивен ефект.

Екстремната жештина, на пример, може да ги прошири крвните садови и да ја забрза апсорпцијата на инсулинот, што понекогаш може да доведе до пад на шеќерот во крвта, па многу топлите денови бараат претпазливост кај дијабетичарите.

Доколку воведувате некоја нова намирница во исхраната, физичка активност или која било друга промена за која не знаете како ќе влијае врз вас, корисно е да го следите шеќерот пред и по тоа, за да знаете како телото реагира на неа.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk