Стравот од летање е присутен кај отприлика секоја шеста личност, но новото истражување покажува дека патниците всушност би требало повеќе да се плашат од возењето со автомобил. Научниците од Универзитетот „Embry-Riddle Aeronautical“ ја споредија смртноста во комерцијалниот авиосообраќај со ризиците од другите облици на транспорт, рекреација и секојдневни активности.
Анализата на податоците од САД за периодот од 2016 до 2025 година покажа дека, за иста измината оддалеченост, ризикот за загинување во автомобил или камион е дури 626 пати поголем отколку во комерцијален авион. Патувањето со мотор носи повеќе од 22.000 пати поголем ризик, додека возењето со меѓуградски автобус е околу девет пати поопасно од летот, пренесува „Daily Mail“.
И некои рекреативни активности се значително поризични од летањето. Кај скијањето и сноубордингот ризикот од смрт е 73 пати поголем, кај нуркањето 180, кај трчањето маратон 202, а кај падобранството дури 422 пати поголем.
Истражувачите предупредуваат дека перцепцијата за безбедноста често ја обликуваат ретките, но медиумски многу атрактивни авионски несреќи. Во исто време, секојдневните ризици остануваат речиси незабележани. Заклучокот на студијата е јасен: современото комерцијално воздухопловство е еден од најбезбедните облици на транспорт. Иако ниеден облик на патување не е потполно без ризик, строгата регулатива и високите безбедносни стандарди ја намалија опасноста од летање на исклучително ниско ниво.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата