logo
logo
logo

ВНИМАТЕЛНО СО СУПЛЕМЕНТИТЕ: Кога пробиотиците стануваат непријател на вашето варење

Vecer | 11.09.2026

ВНИМАТЕЛНО СО СУПЛЕМЕНТИТЕ: Кога пробиотиците стануваат непријател на вашето варење

Суплементите со пробиотици се популарни повеќе од кога било, но дали навистина го исполнуваат ветувањето за подобрување на здравјето на цревата? Се покажа дека многу гастроентеролози и регистрирани диететичари не се целосно уверени во нивната корист.

Насоките на Американското гастроентеролошко здружение наведуваат дека на мнозинството луѓе веројатно не им е потребно земање пробиотски суплементи, бидејќи нема доволно докази за нивната корист кај општата популација. Постојат само три многу специфични клинички ситуации во кои ова здружение препорачува земање пробиотици: за време на терапија со антибиотици, кај бебиња со мала родилна тежина и за лекување паучитис (сложена инфламаторна болест на цревата). Во сите тие случаи е неопходен и детален медицински надзор, пренесува Eatingwell.

Сепак, секој човек е различен. На пример, некои луѓе можат да забележат дека имаат поредовна столица кога земаат суплемент. Меѓутоа, оние кои имаат или претходно имале прекумерно размножување на бактерии во тенкото црево, познато како SIBO, можеби би требало да размислат дали суплементот навистина им е потребен. Земањето пробиотици всушност може да ги влоши нивните симптоми, вели Кетрин Кокс, магистер по нутриционизам и регистриран диететичар. Во продолжение дознајте зошто лицата со SIBO би требало да ги избегнуваат суплементите, како и како да го обезбедите дневниот внес на пробиотици од други извори.

Како пробиотиците можат да ги влошат симптомите на SIBO

„SIBO го карактеризира прекумерно размножување на бактерии во тенкото црево, наместо во дебелото црево, каде што би требало да се наоѓаат“, вели Кокс.

„Тоа доведува до симптоми како што се надуеност, болка во стомакот и дијареја. Внесувањето дополнителни бактерии преку пробиотици би можело уште повеќе да ги влоши овие симптоми.“

Тоа, сепак, не значи дека пробиотските суплементи нужно ќе доведат до уште поголемо прекумерно размножување на бактериите, напоменува Алиса Симпсон, магистер по нутриционизам и регистриран диететичар.

„Бидејќи SIBO подразбира дисбиоза (нерамнотежа на микроорганизмите во цревата) и нарушена подвижност (движење на храната низ системот за варење), некои луѓе можат да имаат проблеми и со акумулирање хистамин, поради што можат да бидат почуствителни на пробиотски соеви што произведуваат хистамин или гас“, објаснува таа. Хистамините се супстанции што белите крвни клетки ги ослободуваат за време на алергиска реакција. Истражувањата покажаа дека некои пробиотски соеви можат да произведат значителна количина хистамин кога ќе се внесат во организмот.

„Некои студии покажаа дека одредени пробиотски соеви се поврзани со зголемено производство на метан, што може да ги влоши симптомите на SIBO, како што е запекот“, вели Кокс. Постојат три главни типа SIBO, кај кои бактериите произведуваат водород, метан или комбинација од тие два гаса. Сите три типа можат да предизвикаат изразена надуеност, акумулирање гасови и гастроинтестинални проблеми како дијареја или запек.

За да се отстрани ова прекумерно размножување на штетните бактерии, мнозинството луѓе мора да земаат антибиотици. „Затоа подобар пристап би можел да биде правилното одредување на времето за земање пробиотици, изборот на соодветен пробиотски сој и чекањето со земањето пробиотици додека не заврши терапијата со антибиотици“, вели Симпсон.

Зошто некои пробиотски суплементи не дествуваат

Видот на пробиотикот што го земате е важен, бидејќи многу од нив не се доволно отпорни за да го преживеат целиот пат низ системот за варење. „Отпорноста на пробиотиците варира, што значи дека многу од нив не стигнуваат до дебелото црево, каде што се најкорисни, бидејќи патем ги уништуваат желудочната киселина, жолчката и ензимите“, вели Кокс.

Пробиотиците на база на спори, односно бактерии со потекло од почвата, кои го заобиколуваат тенкото црево, често подобро се поднесуваат, вели Симпсон. Тоа значи дека можат да ја преживеат желудочната киселина и да стигнат до цревата.

Уште една работа што треба да се земе предвид е начинот на чување на пробиотиците. „Пробиотиците се живи култури и, во зависност од тоа како се произведени и чувани, можат да станат неактивни до моментот кога ќе ги консумирате“, вели Кокс. И таа и Симпсон се согласуваат дека не е неопходно сите ефикасни пробиотици да се чуваат во фрижидер. Меѓутоа, ако на пакувањето пишува дека е потребно ладење, важно е да се придржувате до тие упатства за да го извлечете максимумот од суплементот.

Како да одберете ефикасен пробиотски суплемент

Кокс и Симпсон наведуваат неколку работи на кои треба да внимавате при изборот на пробиотски суплемент:

  • Обратете внимание на конкретниот сој на пробиотикот, а не само на видот. „На пример, наместо да изберете пробиотски препарат со повеќе соеви на лактобацили, погледнете подетално кои соеви на лактобацили ги содржи“, вели Кокс. „Различни соеви од истиот вид, како Lactobacillus rhamnosus GG и Lactobacillus rhamnosus GR-1, можат да имаат целосно различни ефекти врз цревата.“ Ако не сте сигурни, разговарајте со диететичар или со вашиот лекар за да добиете совет прилагоден на вашите потреби.
  • Проверете дали пробиотскиот сој е проучуван за состојбата што се обидувате да ја лекувате. „Одредени соеви се проучувани за поединечни здравствени состојби. На пример, Saccharomyces boulardii е проучуван во врска со дијареја кај патници и дијареја предизвикана од антибиотици“, објаснува Кокс. Важно е да изберете пробиотски сој што може да помогне во лекувањето или контролата на конкретниот проблем. Ако немате гастроинтестинално заболување, туку само сакате да имате редовна столица, побарајте соеви за кои е покажано дека можат да помогнат во тоа.
  • Проверете го квалитетот на пробиотикот. „Квалитетниот пробиотек треба да биде поткрепен со научни докази и јасно деклариран“, вели Кокс. Обратете внимание на бројот на CFU, односно единици што формираат колонии, и тоа во моментот на истекот на рокот на траење, а не на производство, на начинот на чување (во фрижидер или на собна температура), како и на тестирањето што го вршат независни лаборатории за проверка на јачината и чистотата.
  • Обратете внимание на начинот на ослободување на пробиотикот. Не, овде не станува збор за тоа како суплементот стигнува од продавницата до вашата остава, туку за тоа како минува низ вашиот организам. „Побарајте суплемент што им помага на бактериите да ја преживеат желудочната киселина“, вели Симпсон. На декларацијата обратете внимание на изрази како што се капсули со одложено ослободување, ентерична обвивка или соеви на база на спори.

Други совети за здравјето на цревата

Еден од најдобрите начини секојдневно да внесувате пробиотици, но и нивните „градежни блокови“, пребиотиците, е преку исхраната. Кокс и Симпсон даваат совети како да се храните за да го поддржите здравјето на цревата:

  • Јадете доволно влакна. „Важно е да внесувате од 25 до 35 грама влакна дневно за да се хранат добрите бактерии во дебелото црево“, вели Кокс. „Тоа првенствено би требало да доаѓа од целосни намирници, како интегрални житарици, овошје, мешунки и зеленчук, но и суплементите со влакна, како лушпи од псилиум или PHGG (растворливи влакна), можат да бидат од помош.“
  • Јадете ферментирана храна. „Многу од истите придобивки што ги нудат пробиотиците можете да ги добиете директно од храната“, вели Кокс. „Обидете се да го зголемите внесот на ферментирана храна, како јогурт, кефир, кисела зелка и кимчи, за да ја поттикнете разновидноста на бактериите.“
  • Јадете разновидно. „Важно е во исхраната да имате широк избор на овошје, зеленчук, мешунки и житарици за навистина да им помогнете на добрите бактерии во дебелото црево да напредуваат“, вели Кокс. „Запомнете, горивото за пробиотиците се јаглехидратите.“ Таа додава дека многу пробиотски соеви подобро напредуваат кога во исхраната постои разновидност на јаглехидрати.
  • Јадете свесно за да го поддржите варењето. „Варењето започнува во мозокот, па забавувањето, темелното џвакање и отстранувањето на сите работи што го одвлекуваат вниманието за време на оброкот можат да му помогнат на организмот да произведува ензими и желудочна киселина за поефикасно да ја вари храната“, вели Симпсон. „Оваа едноставна навика може да ги ублажи надуеноста, рефлуксот на киселина и непријатноста по јадењето.“
  • Останете хидрирани. „Водата помага столицата да остане доволно влажна за полесно да се движи низ цревата и ја поддржува слузокожата на цревата“, вели Симпсон. „Дури и благата дехидрација може да придонесе за запек и забавено варење.“
  • Контролирајте го стресот. „Стресот влијае врз цревата повеќе отколку што мислите“, вели Симпсон. „Хроничниот стрес може да ја забави подвижноста на цревата и да го наруши микробиомот.“ Таа препорачува вежби за длабоко дишење, прошетка или некоја друга смирувачка активност секој ден.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk