logo
logo
logo

Невидливата закана во домот: КАКО ОВЛАЖНУВАЧОТ ВЛИЈАЕ ВРЗ БЕЛИТЕ ДРОБОВИ

Vecer | 11.09.2026

Невидливата закана во домот: КАКО ОВЛАЖНУВАЧОТ ВЛИЈАЕ ВРЗ БЕЛИТЕ ДРОБОВИ

Често размислуваме за тоа како нашите бели дробови можат да бидат загрозени од надворешни фактори како што се алергените, чадот и загадениот воздух. Но, како што предупредува пулмологот д-р Кевин Ким, исто толку е важно да обрнеме внимание и на она што секојдневно го вдишуваме во сопствениот дом.

„Поголемиот дел од времето го поминуваме во затворени простории, што значи дека квалитетот на воздухот во нашите домови директно влијае врз дишниот систем“, истакнува д-р Ким.

Бројни предмети што секојдневно ги користиме, како спрејовите за чистење и миризливите свеќи, како и освежувачите за автомобили, можат незабележливо да испуштаат хемикалии или да придонесат за појава на мувла во воздухот, велат стручњаците.

Последните години сè повеќе се зборува за тоа како производите што ги користиме во домаќинството можат да уживаат влијание врз здравјето. Но, според зборовите на д-р Ким, особено е важно да се разбере како таквите производи делуваат врз белите дробови. Во спротивно, можеме несвесно да ги влошиме сезонските алергии, да ги поттикнеме симптомите на астма или долгорочно да придонесеме за воспалителни процеси во дишниот систем, а притоа воопшто да не сфатиме која е причината, пишува списанието Parade.

Белите дробови се како „голем, ефикасен сунѓер“

„Замислете ги белите дробови како голем, исклучително ефикасен сунѓер чија задача е да го филтрира воздухот и да овозможи размена на гасови“, објаснува лекарот. Кога вдишуваме, воздухот минува низ душникот и стигнува до милиони ситни воздушни меурчиња, односно алвеоли. Таму кислородот преминува во крвотокот и го снабдува телото, додека при издишувањето го изфрламе јаглерод диоксидот.

На тој пат дишниот систем има и сопствен одбранбен механизам. Слојот од слуз и ситните влакненца во дишните патишта помагаат да се задржат и отстранат прашината, микроорганизмите и другите надразнувачки материи.

Сепак, на белите дробови можеме дополнително да им ја олесниме работата така што ќе ја намалиме изложеноста на токсини и други штетни материи што можат да се наоѓаат во воздухот во нашиот дом. Токму затоа д-р Ким посебно предупредува на еден многу чест предмет што многумина го имаат во своите домови и советува да престанеме да го користиме или барем да научиме како правилно да го чистиме.

Што се случува кога старата вода ќе остане во садот?

Ако водата со денови останува во садот на навлажнувачот на воздух, тој може да стане погодно место за размножување бактерии, мувла и други микроорганизми. Кога уредот повторно ќе се вклучи, ситните честички од загадената вода можат да се распрскаат во воздухот во просторијата, а потоа домашните да ги вдишат.

Проблемот е во тоа што навлажнувачот создава многу ситни капки и честички што можат да доспеат длабоко во дишните патишта. Кај поосетливите лица таквата изложеност може да предизвика иритација и респираторни тегоби, но и да ги влоши веќе постојните проблеми со дишењето.

На важноста на правилното одржување на навлажнувачот предупредува и американската Агенција за заштита на животната средина. Според нивните препораки, микроорганизмите можат да се размножуваат во садови со стоечка вода, а одредени модели навлажнувачи потоа можат да ги распрскаат во просторијата.

Посебно внимание им се препорачува на лицата со астма, респираторни алергии и други белодробни тегоби, кои можат да бидат поосетливи на загадувачките материи присутни во воздухот. Затоа, редовното менување на водата и правилното чистење на уредот не се само прашање на хигиена, туку и важен дел од неговото безбедно користење, истакнуваат стручњаците.

„Кога ќе вдишете таква контаминирана магла, микроскопските честички можат да навлезат  длабоко во белите дробови, каде што можат да предизвикаат силно воспаление и низа респираторни тегоби“, предупредува д-р Ким, кој апелира навлажнувачот да се исфрли од домот.

Што е тоа „треска од навлажнувач“?

Според зборовите на д-р Ким, изразот „треска од навлажнувач“ не е официјален медицински термин, туку се користи за воспалителна реакција на белите дробови што настанува по вдишување загаден воздух од валканиот навлажнувач. Попрецизно би можело да се говори за респираторна болест поврзана со користењето навлажнувач, а состојбата може да наликува на преосетлив пневмонитис.

„До тоа доаѓа кога белите дробови силно воспалително реагираат на бактериите или габичките што се развиле во валканиот сад на навлажнувачот. Бидејќи станува збор за воспалителна реакција на контаминирана магла, симптомите често потсетуваат на ненадеен грип или на инфекција на градниот кош“, објаснува лекарот.

Симптомите можат да се појават веќе неколку часа по вклучувањето на навлажнувачот, а можат да вклучуваат покачена телесна температура, треска, сува кашлица, отежнато дишење и чувство на стегање во градите, пишуваат научниците.

Опасност што можеби не ја забележувате: „бела прашина“

Ако по користењето ултразвучен навлажнувач на мебелот забележите бел прав, не мора да значи дека станува збор за обична прашина. Најчесто станува збор за минерални талози од водата кои, заедно со водената пареа, можат да се распрскаат во воздухот.

„Кога користите вода од чешма, растворените минерали како калциумот и магнезиумот по испарувањето остануваат во форма на ситни честички што можат да се распрскаат во просторијата“, објаснува д-р Ким. Таквите честички можат да бидат доволно ситни за да доспеат длабоко во белите дробови.

Проблемот може да се намали со користење дестилирана или деминерализирана вода наместо вода од чешма.

Колку често треба да се чисти навлажнувачот?

Според препораката на д-р Ким, навлажнувачот би требало да се чисти секојдневно. Тоа подразбира празнење на преостанатата вода, темелно бришење на садот додека не биде потполно сув, како и истурање свежа вода пред повторната употреба.

Застојаната вода е идеално место за развој на мувла и бактерии, а биофилмот во садот може да почне да се создава веќе по неколку дена“, предупредува лекарот. Ако уредот не се одржува редовно, постои ризик микроорганизмите од садот, заедно со маглата, да се распрскаат во воздухот што го вдишуваме.

По правило, навлажнувачот би требало да се замени по три до пет години, бидејќи внатрешните делови и моторот со тек на времето се трошат. Сепак, постојат ситуации кога е подобро да се замени и порано. Тврдокорните бели или сиви минерални талози што не можете да ги отстраните можат да создадат површини на кои бактериите полесно се задржуваат и размножуваат. Ако уредот и по темелното чистење сè уште има уштеан мирис или мирис на мувла, можно е микроорганизмите да доспеале во делови од уредот што не можат добро да се исчистат ‒ тогаш е потребно да го замените уредот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk