logo
logo
logo

ДОМ ОД ИДНИНАТА: Висечка куќа на австралиските карпи

Vecer | 10.09.2026

ДОМ ОД ИДНИНАТА: Висечка куќа на австралиските карпи

Постојат куќи кои му се прилагодуваат на пејзажот, оние што се слеваат со него, а потоа и оние што ги поместуваат границите на архитектурата толку далеку што на прв поглед изгледаат речиси нереално. Токму таква е Куќата на карпа (Cliff House), спектакуларна куќа замислена на самиот раб од австралиска карпа, над отворениот океан. Наместо да заземе драгоцена површина на врвот од карпата, нејзините станбени катови се спуштаат низ нејзините карпести ѕидини, создавајќи впечаток дека градбата буквално виси над морето.

Замислете секое утро да се разбудите со поглед од 180 степени кон океанот, а притоа да не мора да ја напуштите удобноста на сопствената спална или дневна соба. Сопствениците на сè уште неизградената куќа на карпата се здружија со австралиската компанија Modscape за да го осмислат својот компактен дом од соништата, сместен непосредно над отвореното море.

Куќата на карпа ја редефинира идејата за живеење на самиот раб, благодарение на огромните прозорци од подот до таванот и тенките челични носачи кои на прв поглед изгледаат како единствена граница меѓу безбедноста на ентериерот и драматичниот океан под нозете. Глетката е толку филмска што не е изненадувачки што целиот концепт неодоливо потсетува на сценографија од некој филм за Џејмс Бонд.

Четири станбени катови скриени под гаражата

Четирите станбени катови се сместени под гаражата за два автомобила на самиот врв од карпата, поради што куќата гледана оддалеку е речиси невидлива. Исто како во сцена од филм за Џејмс Бонд, автомобилот се паркира на самиот врв од елегантната градба, од каде што во куќата се влегува преку дискретни скали што водат кон просториите сместени подолу.

Дури по влегувањето се открива она што го прави овој проект толку посебен: панорамскиот поглед што го следи речиси секој простор во куќата. Стаклените ѕидови го отвораат ентериерот кон океанот, додека распоредот на просториите е организиран така што приватноста се зголемува со спуштањето кон пониските нивоа.

Кујната се наоѓа над дневната соба, а под неа се сместени спалните соби. На најниското ниво се наоѓа приватна тераса. И покрај релативно скромните димензии, куќата вклучува целосно опремена кујна, трпезарија, три спални соби и две бањи, меѓу кои и приватна бања до главната спална соба, додека на отворената тераса е предвиден и спа-простор.

Модуларна архитектура прилагодена на екстремна локација

Modscape го изгради своето име токму на препознатливиот модуларен пристап кон проектирањето, заснован на оджливоста и брзината на градбата. Сепак, Куќата на карпа постави сосема поинаков предизвик пред архитектите. Поради оддалечената локација на австралискиот брег, тие мораа да го преиспитаат својот вообичаен модуларен концепт и да го прилагодат на исклучително тешкиот терен.

Куќата е замислена како низа наредени модуларни единици кои би биле закотвени директно во карпата со помош на посебно проектирани челични клинови. Ваквиот систем би ѝ овозможил на конструкцијата да се прилепи до карпата наместо да лежи на класични темели какви што очекуваме кај традиционалните куќи.

Како одговор на екстремните крајбрежни услови, фасадата на куќата свртена кон океанот се стеснува кон карпата, создавајќи карактеристичен закосен ентериер зад континуираниот стаклен ѕид што се протега низ куќата. Резултатот е ентериер кој речиси постојано комуницира со морето и драматичниот предел што го опкружува.

Инспирација пронајдена во школките

Можеби најинтересниот дел од целиот концепт е начинот на кој е создадена неговата форма. Куќата е проектирана така што ги имитира школките што цврсто се прилепуваат за трупот на бодот, што ја објаснува и нејзината необична положба под самиот раб на карпата.

Дизајнерите од Modscape ја опишаа куќата како „природен продолжеток на карпата, а не додаток на пределот“, со идеја за создавање апсолутна поврзаност.

Токму таа поврзаност е она што ја прави Куќата на карпа толку фасцинантен проект. Границата меѓу архитектурата и пределот речиси исчезнува, додека челикот и стаклото им овозможуваат на станарите од безбедноста на ентериерот постојано да ја чувствуваат непосредната близина на морето.

А со гаражата на врвот од карпата, скриениот влез, драматичното спуштање низ куќата и бескрајниот океан пред стаклената фасада, на целата сцена навистина ѝ недостасуваат уште само агентот 007 и невидливиот астон мартин паркиран на врвот.

Важно е притоа да се нагласи дека станува збор за архитектонски концепт кој засега не е реализиран, туку за визија која преку проектот го истражува односот меѓу архитектурата, драматичниот предел и самата карпа. Иако постои само во форма на идејно решение и визуализација, проектот многу уверливо доловува како би можел да функционира еден таков дом.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk