Голема анализа на податоци од повеќе од два милиони луѓе донесе интересни резултати за тоа како различни безалкохолни пијалаци се поврзани со менталното здравје.
Додека некои пијалаци се поврзани со почести симптоми на депресија и анксиозност, еден особено се издвои.
Истражувачите анализирале 59 студии со вкупно 2.050.716 учесници од 22 земји, фокусирајќи се на депресијата, анксиозноста и стресот.
Засладените и енергетските пијалаци се издвоија како проблем
Поголемата потрошувачка на засладени, газирани, вештачки засладени и енергетски напитоци била поврзана со поголема зачестеност на депресија или симптоми на депресија.
Слична поврзаност била забележана и кај анксиозноста, особено меѓу оние кои почесто пиеле газирани пијалаци. Најизразени поврзаности биле забележани кај адолесцентите.
Кафето ги изненади истражувачите
За разлика од повеќето анализирани пијалаци, поголемиот внес на кафе бил поврзан со пониска зачестеност на депресија.
Авторите претпоставуваат дека улога би можеле да имаат биоактивните соединенија од кафето, кои имаат антиоксидативни и антиинфламаторни својства.
Сепак, истражувањето не го испитувало директно овој механизам, а кафето не покажало значајна поврзаност со анксиозноста.
Резултатите не треба да се толкуваат како доказ за причина
Кога е во прашање стресот, резултатите биле помалку јасни и главната анализа не пронашла значајна поврзаност.
Важно е да се нагласи дека истражувањето покажува поврзаност, а не причинско-последична врска. Тоа значи дека не може да се заклучи дека одреден пијалак директно предизвикува депресија или анксиозност.
На резултатите можат да влијаат и други фактори, како квалитетот на исхраната, физичката активност, сонот, пушењето и животните околности. Поради тоа се потребни дополнителни истражувања за попрецизно да се утврди што всушност се крие зад овие резултати, пишува „News-medical.net“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата