Реалната нето-плата е за 5,2 отсто поголема од пред една година, резултатот е добар имајќи ја предвид економската состојбата во регионот и во светот – изјави премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Делчево.
- Во текот на вчерашниот ден Државниот завод за статистика објави податоци за септември за просечната нето-плата. Реалната нето-плата е за 5,2 отсто поголема од пред една година. Дали е тоа доволно? Јас би рекол дека не е. Дали треба уште? Треба. Но, имајќи ги предвид сите овие предизвици, ценам дека навистина резултатот е добар, би рекол многу добар – рече Мицкоски.
Премиерот направи споредба со растот на платите во 2022 и во 2026 година.
- Што е реална нето-плата за да можат граѓаните да заклучат? Тоа е кога од нето-платата ќе ја одземеме инфлацијата, односно зголемените трошоци за живот за тој месец за којшто ја анализираме таа реална нето-плата. Честопати морате да правите споредба и како било. Јас правам споредба со како било. А наједноставна споредба како било е кога месец септември 2026-та ќе го споредите со месец септември 2022, бидејќи некако слични се годините од аспект на енергетската криза, иако тогаш енергетската криза била завршена во месец септември 2022-ра – истакна Мицкоски.
Тој посочи дека кога ќе се направи споредба на овие два месеца, тогаш ќе се дојде до заклучокот дека сега реалната нето-плата, кога од нето-платата ќе се одземе инфлацијата, е зголемена за 5,2 отсто.
- Тогаш била намалена за 5 отсто, односно била минус 5 проценти. Сега сме плус 5,2, тогаш сме минус 5 отсто. Тогаш била владата на СДСМ и ДУИ. Сега е владата којашто ја предводи ВМРО-ДПМНЕ. Дали е тоа доволно, ќе речам повторно, не е. Дали треба повеќе? Треба. Но, имајќи ја предвид состојбата, ќе повторам, сето она што се случува и во регионот и во светот, јас сум многу задоволен од тоа во која насока се движат првичните индикатори – нагласи Мицкоски.
Според него, сите проблеми не се решени, но оцени дека состојбата е подобра отколку што била пред три години.
- И дали за три години ќе биде подобро од денес? Јас сум убеден дека за три години ќе биде подобро од денес. Денес веќе немаме министри коишто жонглираат во кабинетите и играат кошарка, наместо да прават проекти и да работат за интересот на граѓаните, и можам уште многу примери да ви кажам. Но, она коешто мене ме прави задоволен во овој момент е фокусот, и покрај тоа што имаме навистина тешка и предизвикувачка состојба во светот – додаде премиерот Мицкоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата