МАМОГРАФ И ПАТНИ ИНВЕСТИЦИИ – Мицкоски најави нови проекти за Делчево и регионот

Vecer | 21.11.2026

МАМОГРАФ И ПАТНИ ИНВЕСТИЦИИ – Мицкоски најави нови проекти за Делчево и регионот
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Премиерот Христијан Мицкоски, заедно со министерот за здравство Сашко Клековски и директорот на Фондот за здравство Златко Перински, денеска престојуваше во Делчево, каде беа презентирани тековни и најавени инвестиции во спортската, здравствената и патната инфраструктура, значајни за градот и поширокиот регион.

Во рамки на посетата беше означен почетокот на реконструкцијата на спортската сала во Делчево, инвестиција вредна 50 милиони денари. Иако предвидениот рок за реализација е 18 месеци, очекувањата се салата да биде завршена и ставена во функција веќе наредното лето.

Покрај реконструкцијата на салата, предвидено е и целосно уредување на спортско-рекреативниот центар, поставување нова спортска подлога со паркет и баланс, како и изградба на детско игралиште, чија реализација е планирана за 2027 година.

Министерот за спорт Борко Ристовски истакна дека целта е преку вакви инвестиции да се ревитализираат спортските центри низ државата. Тој најави продолжување на програмата за изградба на мултифункционални игралишта, со очекување нивниот број до крајот на следното лето да достигне од 80 до 90.

Од Општина Делчево беше посочено дека во спортско-рекреативниот центар во изминатата година се вложени приближно два милиона евра, средства обезбедени од општинскиот буџет, Владата, ресорните министерства, унгарските кредити и прекуграничната соработка со Благоевград.

Значајна новина за здравствениот сектор е најавеното ставање во функција на мамограф во Делчево во јануари 2027 година.

Министерот за здравство Сашко Клековски информираше дека со оваа услуга жителите на Делчево и соседните општини ќе можат да вршат мамографски прегледи во регионот, без да патуваат до Кочани.

-Во тек е обука на медицински техничари во Кочани, каде што веќе работи лекар за мамографија. Клековски информираше и дека во здравствените установи во Делчево и Македонска Каменица се реализирани вкупно 17 вработувања, меѓу кои осум доктори, пет во Делчево и три во Македонска Каменица. Дополнително, обезбедени се и две нови амбулантни возила за итна медицинска помош, истакна Клековски.

Во наредниот период се планира и дигитализација на рентген-апаратот во Делчево, со цел подобрување на здравствените услуги и комуникацијата со другите здравствени установи.

Во делот на патната инфраструктура, премиерот Мицкоски најави дека од понеделник треба да започне реконструкцијата на патниот правец од Делчево кон граничниот премин со Бугарија.

Посочи дека е завршена и тендерската постапка за санација на мостот на патниот правец кон Македонска Каменица и Кочани. Воедно, беше посочен и проектот за реконструкција на мостот на улицата „Индустриска“ во Делчево, вреден 560.000 евра, за кој е поднесено барање за воведување времен режим на сообраќај.

Меѓу позначајните регионални инфраструктурни проекти е и планираниот експресен пат Кочани – Виница – Делчево, со предвидена клучка кај Македонска Каменица. За трасата е избрана една од двете варијанти разгледувани на јавната расправа, а во тек се изработката на физибилити-студијата и студијата за животна средина. Проектот е претставен пред Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој.

Според најавите на премиерот се очекува студиите да бидат завршени напролет, а поставувањето камен-темелник за експресниот пат е планирано за крајот на летото или почетокот на есента 2027 година.

Најавените и започнатите активности опфаќаат повеќе значајни области за Делчево и Пијанечкиот регион, со очекување инвестициите да придонесат за подобри услови за спорт, поквалитетни здравствени услуги и побезбедна и подобра патна поврзаност.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk