Премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања рече дека за оваа година сме на ниво од 70 проценти од реализација на капиталните инвестиции и оти со несмалена динамика продолжуваме и следната година. Тој истакна дека опозицијата од 2024 година па наваму се моли секоја година државата да банкротира, додавајќи дека Владата ги плаќа заемите и каматите од претходната власт.
- Честопати се воздржувам да коментирам тоа што кажуваат од опозицијата и ги замолувам граѓаните со резерва да приоѓаат кон пораките од опозицијата. Тие од 2024-та година па наваму се молат секоја година да банкротира државата, да биде нешто неубаво, за ним да им биде убаво. Ние имаме работа со такви политичари, но благодарение на работата на Владата, не само што не сме во таква состојба во којашто тие посакуваат, туку напротив, од дното во регионот сега сме на самиот врв во регионот, но и меѓу поуспешните економии во Европа, имајќи го предвид она ниво од каде што започнавме. Тоа е лоша вест за нашата опозиција – рече премиерот при посетата на Делчево.
Тој додаде дека за оваа година сме на ниво од 70 проценти од реализација на капиталните инвестиции и оти со несмалена динамика продолжуваме и следната година.
- Она што треба да го знаат граѓаните е дека за 2027 и 2028 година, за да ги платиме каматите на заемите на претходната влада, истите да ги рефинансираме, да ги рефинансираме домашните заеми, да го рефинансираме буџетскиот дефицит, којшто генерално е содржан во рамките на капиталните инвестиции, ни се потребни околу 5 милијарди евра. Толку пари треба да обезбедиме за следните две години, со толку практично тие ги задолжиле неродените генерации. И затоа не би сакал да ги коментирам пораките што доаѓаат од опозицијата, кога веќе не знаат како да помогнат и не помагаат. Замолувам, колку помалку нивните лаги добиваат светло на денот, толку полесно ќе биде и на Владата и на граѓаните да се справуваат со предизвиците што ги има ова тешко секојдневие, што не се случува само кај нас туку и насекаде во светот – истакна премиерот Мицкоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата