logo
logo
logo

Ѓокан Рамазаноглу, генерален директор на „ Limak Skopje Luxury Hotel“

Вистинскиот луксуз е во искуството на гостинот

Vecer | 14.10.2026

Вистинскиот луксуз е во искуството на гостинот

Наградата „Најдобар објект за сместување за 2026 година“, доделена од Министерството за култура и туризам, е повод за разговор со господинот Ѓокан Рамазаноглу, генерален директор на „Limak Skopje Luxury Hotel“. За него, признанието е потврда за посветеноста на тимот, но и дополнителен мотив за унапредување на квалитетот на услугата. Хотелот пречекува гости од повеќе од 120 националности, а покрај деловните патувања, Рамазаноглу забележува и растечки интерес кај туристите што доаѓаат да ги запознаат Скопје и Македонија. Во интервјуто за Вечер.мк тој зборува за променетите очекувања на гостите, значењето на личниот пристап во современото хотелиерство, вложувањето во вработените и потенцијалот на Скопје како туристичка дестинација и домаќин на меѓународни настани.

Господине Рамазаноглу, „Limak Skopje Luxury Hotel“ ја доби наградата „Најдобар објект за сместување за 2026 година“ од Министерството за култура и туризам. Според Вас, кои конкретни постигнувања и предности на хотелот најмногу придонесоа за добивањето на ова признание?

- Пред сè, би сакал да истакнам дека оваа награда е голема чест за „Limak Skopje Luxury Hotel“, а уште поважно, таа претставува признание за посветеноста и напорната работа на целиот наш тим.

Верувам дека неколку фактори придонесоа за овој успех. Првиот е нашата постојана фокусираност на квалитетот на услугата и задоволството на гостите. Нашата цел е не само да ги исполниме очекувањата на гостите туку, секогаш кога е можно, и да ги надминеме.

Друга важна предност е нашата заложба да ги одржуваме меѓународните стандарди во хотелиерството и истовремено да ги одразуваме духот и гостопримството на Скопје и Македонија. Нашиот хотел пречекува гости од многу различни земји и ја разбираме важноста на секој гостин постојано да му обезбедуваме високо ниво на услуга. Во исто време, сакаме престојот кај нас да им остави позитивен прв впечаток за Скопје и за Македонија како дестинација.

Би ги издвоил и нашите високи оперативни стандарди, квалитетот на храната и пијалаците, капацитетите за состаноци и настани, како и нашата способност да им одговориме на потребите и на индивидуалните патници и на корпоративните, дипломатските и меѓународните групи. Разновидноста на нашите капацитети ни овозможува да одговориме на мошне различни потреби на гостите, од деловни престои и меѓународни настани, до туристички патувања и приватни прослави.

Сепак, на крајот, верувам дека најголемата заслуга ја имаат нашите луѓе. Еден хотел може да има одлични капацитети, но без професионален и мотивиран тим, посветен на гостите, не може да понуди вистинско гостопримство. Оваа награда му припаѓа на секој член на нашиот тим.

Кои се најзастапените гости во хотелот и од кои пазари, односно земји, тие доаѓаат? Каков е соодносот меѓу гостите што патуваат деловно и оние што патуваат за одмор и дали забележувате промени во тој поглед?

- Во „Limak Skopje Luxury Hotel“ пречекуваме гости од најразлични профили: деловни патници, корпоративни клиенти, дипломатски мисии, меѓународни организации, туристички групи, семејства и индивидуални туристи.

Пречекуваме гости од повеќе од 120 различни националности. Меѓу нашите клучни меѓународни пазари се Германија, Турција, Обединетото Кралство, САД, како и различни европски и регионални пазари. Истовремено, домашниот пазар и пазарите од соседните балкански земји остануваат многу важни за нас.

Традиционално, Скопје е значајна дестинација за деловни и корпоративни патувања, а деловните гости и натаму претставуваат важен сегмент од нашето работење. Сепак, забележуваме и зголемена побарувачка од гостите што патуваат за одмор, особено од странските посетители што ја откриваат Македонија како дестинација. Ова е охрабрувачки тренд, бидејќи покажува дека Скопје сè повеќе се доживува не само како деловна дестинација, туку и како град што самиот по себе вреди да се посети и доживее.

Друга интересна појава е сè почестото комбинирање на деловните патувања со одмор. Многу деловни гости го продолжуваат својот престој или ги комбинираат деловните патувања со активности за одмор и разонода. Овој тренд создава нови можности и за хотелот и за дестинацијата. За хотелскиот сектор тоа значи дека треба да размислуваме пошироко од самото сместување и да им помогнеме на гостите целосно да ги доживеат градот и дестинацијата.

Што значи „луксуз“ за хотелските гости денес и како се менуваат нивните очекувања? Во кои сегменти забележувате дека гостите имаат сè поголеми барања?

- Денес луксузот е многу повеќе од убава соба, големо фоаје или скапи материјали. Современиот луксуз сè повеќе се однесува на целокупното искуство.

Гостите очекуваат удобност, ефикасност, персонализиран пристап, чистота и, пред сè, услуга што се нуди со искрена грижа и внимание. Сакаат сè да биде едноставно и да се одвива непречено, но истовремено сакаат да почувствуваат дека се препознаени како поединци. Технологијата, исто така, ги промени очекувањата. Гостите очекуваат брза комуникација, ефикасни дигитални услуги и непосредни решенија кога имаат некое барање.

Во исто време, верувам дека сè повеќе се цени вистинското гостопримство. Луѓето сакаат професионална услуга, но сакаат и топлина и лична поврзаност.

Затоа, предизвикот за луксузните хотели денес е да ги спојат технологијата и ефикасноста со човечката интеракција. Гостинот треба да почувствува дека сè е добро организирано, а притоа да се зачува личниот пристап.

Квалитетната услуга зависи од добро обучен и мотивиран тим. Колкав предизвик е да се привлече и задржи стручен кадар во хотелската индустрија и како вложувате во професионалниот развој на вработените?

- Привлекувањето и задржувањето квалификувани вработени несомнено е еден од најголемите предизвици со кои се соочува хотелската индустрија во светот. Хотелиерството е дејност во чиј центар се луѓето, а нашиот успех директно зависи од квалитетот и мотивацијата на нашите вработени.

Во „Limak Skopje Luxury Hotel“ веруваме дека развојот на вработените е континуиран процес. Вложуваме во стручни обуки, практично менторство во секојдневното работење, размена на знаења меѓу секторите и можности вработените да развиваат нови вештини. Како дел од меѓународна хотелска групација, имаме и пристап до пошироки знаења, искуства и стандарди, кои можеме да му ги пренесеме на нашиот тим во Скопје.

Големо значење им придаваме и на комуникацијата и тимската работа. Вработените треба да ги разбираат не само сопствените одговорности туку и начинот на кој нивната работа придонесува за целокупното искуство на гостинот.

Најважно е што сакаме нашите вработени да чувствуваат дека се дел од успехот на хотелот. Признавањето на нивниот придонес, доверувањето одговорности и можностите за кариерен развој се клучни за создавање мотивиран тим. За нас, задржувањето на добрите кадри е подеднакво важно како и нивното привлекување, а тоа бара создавање средина во која вработените можат да гледаат долгорочна професионална иднина.

Работата во хотелската индустрија може да биде напорна, но може да понуди и одлични можности за луѓето што се подготвени да учат, да се развиваат и да преземаат одговорност. Ова е особено важно со оглед на тоа што туристичкиот и угостителскиот сектор во Македонија продолжува да се развива и ќе има потреба од нова генерација квалификувани професионалци.

По ова признание, кои се следните приоритети на „Лимак Скопје Луксуз Хотел“?

- Добивањето на оваа награда е големо постигнување, но ние ја гледаме како мотив да ги подигнеме нашите стандарди уште повисоко, а не како крај на еден пат.

Наш прв приоритет е да одржуваме доследност во квалитетот. Едно е да се добие награда, а вистинскиот предизвик е да продолжиме да го обезбедуваме истото ниво на квалитет секој ден.

Ќе продолжиме да се фокусираме на задоволството на гостите, развојот на вработените, оперативната ефикасност и квалитетот на нашите производи и услуги. Исто така, сакаме да ја зајакнеме нашата позиција како водечки хотел во Скопје за деловни гости, дипломатски претставници, меѓународни посетители и туристи што патуваат за одмор. Дополнителен приоритет е да продолжиме да го развиваме сегментот на состаноци и настани и да го зајакнуваме потенцијалот на Скопје како дестинација за меѓународни деловни настани и конференции.

Истовремено, гледаме значителен потенцијал во развојот на Скопје и Северна Македонија како туристичка дестинација. Земјата има многу што да понуди, од култура и гастрономија до природа и автентични локални доживувања, а поголемата меѓународна видливост и поврзаност можат да овозможат уште поголемо искористување на тој потенцијал. Сакаме „Limak Skopje Luxury Hotel“ да има активна улога во овој развој и да придонесува за промоцијата на Скопје како привлечна дестинација за меѓународните посетители.

Нашата цел е многу едноставна: да продолжиме да се подобруваме, да останеме конкурентни на меѓународно ниво и нашите гости, вработени и партнери да бидат горди што се поврзани со „Limak Skopje Luxury Hotel“. Во сè што правиме, се водиме од мотото на Limak International Hotels & Resorts: „Топло гостопримство и врвна услуга.“

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk