Летниот одмор на 27-годишен германски турист на Халкидики завршил со жестока тепачка во бар на плажа во Метаморфозис, каде што бил повреден пред вознемирените гости. Германецот, кој со семејството пристигнал во Грција на почетокот на јули и престојувал во Метаморфозис, на 5 август по 21 часот отишол во барот со пријатели, кои го напуштиле местото околу половина час по полноќ. Снимките покажуваат физичка пресметка меѓу повеќе млади мажи, а грчките медиуми објавија дека за инцидентот се обвинети двајца Грци, на возраст од 25 и 21 година.
Според неговото сведочење, тој останал уште околу еден час, а непосредно пред да замине забележал 21-годишна девојка со која се запознал претходната година на Халкидики. Бидејќи се познавале и преку социјалните мрежи, седнал со неа за да разговараат.
Поради гласната музика во барот, 27-годишникот се приближил до нејзиното уво за да може да ја слушне. Во еден момент забележал непознат маж кој го гледал и нешто му зборувал. Иако не го разбирал јазикот, Германецот, според сопственото сведочење, од неговото однесување заклучил дека му се заканува.
Тој рекол дека се обидел да го напушти местото, но непознатиот маж и уште едно лице тргнале по него.
„Потоа овој човек и уште еден непознат маж ме бркаа и откако ме стигнаа почнаа да ме тепаат. Еден од нив ме удри во лицето, по што паднав со лицето кон земјата. Веднаш потоа почувствував дека некој ме удира по главата, а потоа ја изгубив свеста“, изјавил тој.
Кога се освестил, според неговите зборови, забележал дека десната нога му била исечена и дека крвари.
Во меѓувреме, ситуацијата во барот ескалирала. На видеоснимките се гледа како дел од присутните се обидуваат да му помогнат на повредениот Германец, додека други се обидуваат да ја прекинат физичката пресметка меѓу младите мажи. Во еден момент, според снимките, едно лице зема и стол.
Повредениот, откако некој му ја преврзал ногата и се освестил, во страв го напуштил местото и истрчал кон домот на пријател, каде што побарал засолниште. Сопственикот на барот, пак, изјавил дека тој интервенирал за да ги тргне двајцата мажи кои, според неговите зборови, паднале врз Германецот и го тепале.
За случајот е отворена прелиминарна истрага, а две лица кои биле идентификувани поради нивната наводна вмешаност биле повикани да дадат објаснувања.
Сепак, одбраната на 21-годишниот обвинет изнесува сосема поинаква верзија на настаните. Неговата адвокатка Антула Анасоглу тврди дека германскиот државјанин прв го нападнал пријателот на нејзиниот клиент и дека притоа тешко го претепал.
Според адвокатката, причината за пресметката била љубовен спор, а нејзиниот клиент интервенирал заедно со уште еден пријател за да го запре нападот.
Таа тврди и дека 21-годишникот не го удрил Германецот, туку со ногата удрил во воздух, обидувајќи се да ја ослободи ногата која, според неговата верзија, ја држел и стискал наводната жртва.
Случајот продолжува да се истражува, а надлежните треба да ги утврдат околностите под кои дошло до тепачката и степенот на одговорност на лицата вмешани во инцидентот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата