Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска соопшти дека го распушта Народното собрание и дека во Србија ќе се одржат предвремени парламентарни избори на 25 октомври.
Во обраќањето до граѓаните, Вучиќ зборуваше за меѓународната и домашната политичка ситуација, оценувајќи дека Србија се наоѓа во период на големи промени и сериозни безбедносни, економски и политички предизвици.
„Денес имаме војни во региони низ целиот свет, дури и континентални војни, кои секако ја загрозуваат нашата земја, не само во однос на безбедноста и сигурноста, туку и во економска и политичка смисла“, рече Вучиќ.
Тој оцени дека Србија, и покрај војните во Украина и Иран и другите глобални кризи, успеала да ги зачува мирот и стабилноста и да оствари значаен економски раст.
„И покрај бројните проблеми, од војната во Украина до војната во Иран, Србија успеа да ја води својата економија на таков начин што ќе биде најбрзорастечката во Европа оваа 2026 година“, рече Вучиќ, додавајќи дека ММФ предвидува Србија да биде меѓу најбрзорастечките европски економии и во 2027 година.
Говорејќи за домашната политичка состојба, српскиот претседател изјави дека изминатите година и пол биле обележани со турбуленции, конфликти и поделби во општеството. Тој обвини и за значително странско мешање во внатрешните случувања.
Вучиќ рече дека повеќепати ги повикувал политичките противници на дијалог, оценувајќи дека изборите треба јасно да ја покажат волјата на граѓаните за насоката во која треба да се движи Србија.
Тој порача дека Србија треба да продолжи по европскиот пат, но истовремено да ги зачува традиционалните пријателства, националната гордост и достоинството, како и да се фокусира на модерните технологии, иновациите и вештачката интелигенција.
На крајот од обраќањето, Вучиќ го објави указот за распуштање на Народното собрание.
Владата на Србија претходно достави образложен предлог до претседателот за распуштање на парламентот. Со распишувањето на изборите започнува и 45-дневната изборна кампања.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата