logo
logo
logo

По инцидентот на Пефкохори - ИТНО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ОД ГРЧКИОТ ЦРВЕН КРСТ - Што ако ве нападне рибата зајак

Vecer | 30.06.2026

По инцидентот на Пефкохори - ИТНО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ОД ГРЧКИОТ ЦРВЕН КРСТ - Што ако ве нападне рибата зајак

На плажата во познатото грчко летувалиште Пефкохори на Халкидики, е пријавен инцидент во кој риба зајак (lagokefalos) нападна туристка од Србија и ја касна за глуждот додека влегувала во морето.

Според нејзината изјава за грчката телевизија ANT1, инцидентот се случил додека таа била на плажа со група пријатели и влегла во вода длабока до колена. Кратко по влегувањето во морето, почувствувала остра болка во ногата.

Грчкиот Црвен Крст издаде информативен памфлет наменет за капачите, со кој се даваат упатства за чекорите што треба да се превземат откако ќе се случи каснувањето на рибата-зајак:

-Веднаш исчистете ја раната со многу чиста вода и сапун.

-Избегнувајте употреба на антисептици освен ако не ви препорача лекар.

-Применете постојан притисок со чиста крпа или завој.

-Држете го повреденото место подигнато доколку има крварење.

-Побарајте медицинска помош што е можно поскоро, каснувањата може да бараат специјалистичка нега.

Во итен случај: Јавете се на 166 (брза помош) или 112 (европски број за итни случаи), стои во памфлетот на грчкиот Црвен Крст.

КОЛКУ Е ОПАСНА РИБАТА-ЗАЈАК?

Лагокефалусот (pufferfish) или рибата зајак, како што некои ја викаат поради карактеристичниот изглед на предниот дел на вилицата со по два заба способни за силен угриз, која во последниве години се повеќе се гледа во Грција и во други делови од Медитеранот, е една од групата инвазивни морски видови што пристигнале од Црвеното Море.

Оваа риба е позната по своите моќни заби, кои можат да ја оштетат кожата или да предизвикаат болни повреди, како и по својата токсичност, доколку се јаде.

Научните извештаи сугерираат дека каснувањата од Lagocephalus sceleratus се нова, но сепак невообичаена грижа за јавното здравје во Медитеранот. Најјасниот документиран случај опишува осумгодишно девојче во јужна Турција кое претрпело тешки повреди на прстите, вклучително и трауматска ампутација, откако било каснато додека пливало. 

Ако пливачот е каснат, непосредната грижа е самата рана. Лицето треба да ја исчисти повредата, да побара медицинска помош ако каснувањето е длабоко и да ја следи областа за инфекција. Далеку поголема опасност останува случајното или намерното консумирање на рибата бидејќи во нејзиниот џигер се наоѓа опасен нервен отров – тетродотоксин.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk