Сведоштва на преживеаните патници откриваат вознемирувачки детали за тешката автобуска несреќа што утрово се случи во Хрватска, на автопатот А3, во близина на Иваниќ-Град. Во трагедијата загинаа две лица, шестмина се тешко повредени, а уште 27 патници првично биле евидентирани со полесни повреди.
Еден од преживеаните, Никола Голубовиќ, тврди дека возачот заспал зад воланот само неколку минути откако го заменил својот колега. Според неговото сведоштво, двајцата возачи се смениле на постојка непосредно пред несреќата, по што автобусот излетал од патот.
Несреќата се случила на 8 ноември, околу 7:25 часот, во правец кон Загреб. Во автобусот со српски регистарски таблички патувале 33 патници и двајца возачи.
Друг патник, Марин Јевиќ, раскажал дека автобусот најпрво преминал во лентата за принудно запирање, удрил во заштитната ограда, а потоа продолжил да се лизга и превртува по тревната површина неколку десетици метри. По запирањето на возилото, од внатрешноста се слушале повици за помош и крици.
Јевиќ, кој седел во задниот дел, видел крвави и повредени патници, а две лица биле приклештени под седиште во негова непосредна близина. Тој опишал и млад човек кој бил во состојба на шок.
Повредените биле пренесени во пет болници во Загреб, меѓу нив и двајцата возачи. На местото интервенирале медицински екипи, пожарникари и полиција, а бил ангажиран и медицински хеликоптер.
Тврдењето дека возачот заспал засега е само сведоштво на патник, а не официјално утврдена причина за несреќата. Хрватската полиција врши увид за да ги утврди околностите под кои се случила трагедијата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата