Две лица загинаа, а повеќе се повредени откако автобус со српски регистарски ознаки утрово се преврте на автопатот А3 во Хрватска, потврди загрепската полиција, пренесува Н1.
Според видеото објавнено на порталот ГП Маљевац, автобусот излетал од коловозот и ја пробил заштитната банкина, по што се превртел. На местото на настанот се присутни голем број возила на брза помош, како и хеликоптери.
Несреќата се случила околу 7:25 часот, на 61. километар, непосредно по клучката Иваниќ-Град, во правец кон Загреб. Според првичните неофицијални информации, во автобусот имало 33 патници и двајца возачи.
Повредените се пренесуваат во загрепските болници. Точниот број и тежината на повредите засега не се соопштени, а причината за превртувањето се утврдува со увид.
На местото интервенираат итните служби, меѓу кои 15 пожарникари со седум возила. Автобусот завршил превртен на страна покрај коловозот, а дел од патниците добивале помош на самото место.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата