На Русија би можеле да ѝ бидат потребни најмалку две години за да го обнови патниот дел на Кримскиот мост, кој беше тешко оштетен при украинските напади, при што тој рок важи само доколку носечките столбови не се сериозно оштетени и доколку нема нови удари, изјави за „Њујорк тајмс“ професорот по градежништво на Универзитетот Калифа во Абу Даби, Андреас Капос.
Оваа оценка е во целосна спротивност со најавите на Москва за брза обнова, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, порача дека мостот по поправката ќе биде „уште подобар од порано“, но според анализата на американскиот весник, во Керчкиот Теснец падна огромна челична лачна конструкција долга околу 227 метри, чија првична изработка и монтажа во мирнодопски услови траеле околу година и пол.
Инженерот Доналд Дјузенбери, експерт за истражување на причините за уривање мостови, предупредува дека и самото отстранување на паднатата конструкција, која го блокира пловниот пат меѓу Црното и Азовското Море, ќе биде исклучително тежок зафат што бара специјална опрема, проверка на темелите и носивоста на преостанатите столбови пред да започне поставувањето на нов лак, при што податоците од сервисот „Веселфајндер“ покажуваат дека Русија уште на 18 ноември испратила неколку пловни објекти на местото на инцидентот. Покрај техничката сложеност, дополнителен ризик претставува можноста од нови украински напади со беспилотни летала и оружје со голем дострел врз градежната механизација, пловните дигалки и работните платформи, за разлика од 2022 и 2023 година кога оштетувањата беа санирани за неколку месеци; поради тоа, експертот за сообраќајна инфраструктура Андреј Корецки за „Дојче веле“ проценува дека обновата би можела да трае од година и пол до три години, а на ризиците од работа под постојана закана од напади предупреди и рускиот воен канал „Рибар“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата