Францускиот предлог за надминување на спорот меѓу Македонија и Бугарија, според истражување на јавното мислење спроведено од три независни агенции,не успеал да обезбеди поширока општествена поддршка.
Имено, наспроти 23,8 отсто од граѓаните што го поддржуваат, дури 56,7 отсто се ПРОТИВ него. Одредена противтежа на убедливото мнозинство против францускиот предлог претставуваат дел од анкетираните Албанци, како и поединечни ставови кај дел од младите наспроти повозрасните и во урбаните наспроти руралните средини, но без значително влијание врз вкупниот резултат.
Податоците од истражувањето спроведено врз примерок од 1.218 испитаници откриваат општество во кое европската перспектива, националните интереси и односите со Бугарија се доживуваат со претежно унисоно мислење, но со присутни различни политички и идентитетски искуства, кои, секако треба да се земат предвид
Секое политичко раководство што би се повикувало на широка општествена поддршка за таканаречениот француски предлог, би морало да се соочи со фактот дека последното истражување на јавното мислење на оваа основа покажува сосема поинаква слика.
Но, истовремено, не треба да се направи грешка и од негативниот став кон конкретниот француски предлог автоматски да се изведе заклучок дека мнозинството граѓани се против европската интеграција. Прашањето се однесува на конкретно политичко решение за билатералниот спор во контекст на евроинтеграциите на Македонија, а не на членството во ЕУ како стратешка определба
Таканаречениот француски предлог за надминување на бугарското вето НЕ успеал да добие легитимитет кај мнозинството граѓани во Македонија, што претставува прв и најсилен заклучок од последното истражување на јавното мислење што беше актуализирано оваа недела на брифингот на премиерот Христијан Мицоски со новинарите.
Тој на брифингот сподели податок дека „над 80 отсто од граѓаните од македонска националност се против спроведување на уставните измени“, до кој е дојдено во испитување на јавното мислење иницирано од неговата матична партија.
За да дадеме поширок контекст на истражувањето, во функција за сеопфатно информирање на јавноста, редакцијата на Нова Македонија побара увид во истражувањето спроведено од три независни агенции и обрна посебно внимание на податоците поврзани со францускиот предлог.
Генералниот заклучок е дека граѓаните НЕ се против европските интеграции, туку СЕ ПРОТИВАТ на понуденото надворешно решение за билатералниот спор со Бугарија.
На прашањето дали го поддржуваат или не го поддржуваат предлогот за надминување на спорот меѓу Македонија и Бугарија, 56,7 отсто од испитаниците одговориле негативно, додека само 23,8 отсто изразиле поддршка. Дополнителни 19,5 отсто не дале одговор.
Разликата меѓу противниците и поддржувачите изнесува 32,9 процентни поени. Тоа не е маргинално отстапување, ниту резултат што може да се објасни со мала разлика во политичките расположенија. Станува збор за јасно изразена доминација на негативниот став и расположение меѓу граѓаните во Македонија за „францускиот предлог“.
Ако се издвојат само испитаниците што имаат определен став, без оние 19,5 отсто што не одговориле, односот станува уште поизразен:
- приближно 70,4 отсто од граѓаните со определено мислење се против предлогот, наспроти 29,6 отсто што го поддржуваат. Ова е значајна политичка порака. Секое политичко раководство што би се повикувало на широка општествена поддршка за таканаречениот француски предлог, би морало да се соочи со фактот дека последното истражување на јавното мислење на оваа основа покажува сосема поинаква слика.
Но, истовремено, не треба да се направи грешка и од негативниот став кон конкретниот француски предлог автоматски да се изведе заклучок дека мнозинството граѓани се против европската интеграција.
Прашањето се однесува на конкретно политичко решение за билатералниот спор во контекст на евроинтеграциите на Македонија, а не на членството во ЕУ како стратешка определба.
(Нова Македонија)
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата