Стартапот за одбранбена биотехнолошка индустрија „Ворхаунд“ (Warhound) собра 200 милиони долари за да создаде генетски модифицирани „воени кучиња“ и да ги опреми со технологијата на „Андурил“. Бен Лам од „Колосал бајосаенсис“ и Палмер Лаки од „Андурил“ ја добиле идејата за генетско модифицирање на кучиња за потребите на американската војска, органите за спроведување на законот и другите служби за итни случаи. Оваа иницијатива, до неодамна чувана во тајност, ѝ беше претставена на јавноста под името „Ворхаунд“. Проектот е поддржан со 200 милиони долари инвестиции, собрани од фондовите „Секоја“ (Sequoia), „8VC“, „Корнер венчерс“ (Corner Ventures) и „Ин-кју-тел“ (In-Q-Tel) ‒ инвестициски компании кои ги поддржуваат ЦИА и другите американски разузнавачки агенции.
Кучињата што ќе ги создаде „Ворхаунд“ (кои сè уште не постојат) ќе извршуваат задачи што се опасни за луѓето или премногу тешки за машините, како што се откривање експлозиви, претреси и други специјализирани операции. Во соопштението за започнувањето на проектот, компанијата наведува дека повеќе од 80 проценти од работните кучиња што ги користи американската војска доаѓаат од Европа и дека помалку од половина од нив се всушност способни за служба. Ова значи дека бројот на достапни работни кучиња се намалува, а САД се сè повеќе зависни од други земји за кучиња кои играат важна улога во воените и полициските сили. Целта на „Ворхаунд“ е да ја промени таа ситуација: како што е наведено во соопштението за медиумите, идејата е „Колосал“ да ја користи својата технологија за да создаде кучиња со „карактеристики прилагодени за тешки мисии“.
Нови кучиња – поздрави, поиздржливи, побрзи и поагилни
Бен Лам се сретнал со Палмер Лаки пред околу една година на една конференција, каде што Лаки споменал дека треба да се направи повеќе за воените работни кучиња. Двајцата останале во контакт, а Лам истражувал како се одгледуваат ваквите кучиња и дознал дека многу од нив не успеваат да ја завршат обуката поради наследени здравствени проблеми, како што се слаб вид, висок ризик од рак, дисплазија на колкот или мускулна атрофија. Лам изјавил дека кучињата би можеле да бидат генетски подобрени во однос на здравјето и долговечноста, но и кога станува збор за особини како што се брзината и агилноста, или сетилото за мирис за откривање експлозиви. Тимот на Лаки ги проучувал најуспешните раси на работни кучиња ‒ белгискиот малиноа и германскиот овчар ‒ земајќи клеточни линии (живи клетки одгледувани во лабораторија) и сместувајќи ги во биобанка. Потоа тимот ќе направи измени во нивните гени: додавање на оние што ги подобруваат перформансите и отстранување на оние што пречат, со цел да се создаде „нова раса куче“.
Од друга страна, компанијата „Андурил“ ќе обезбеди софтвер и хардвер во форма на заштитни елеци и очила, што ќе им помогне на кучињата и нивните водичи подобро да ги согледаат ситуациите и да имаат подобра координација. Лам даде пример за панцири опремени со сензори што испраќаат податоци до водичите, овозможувајќи им да ја разберат ситуацијата на терен во реално време.
„Ако направиме куче побезбедно, поздраво и поспособно, тоа ќе постигне подобри резултати при извршувањето на задачите“, рече Лам, додавајќи дека решенијата на „Андурил“ ќе ги направат кучињата побезбедни и поздрави без оглед на нивната генетика. Тој верува дека овие подобрувања уште подобро ќе ги заштитат и нивните водичи.
„Колосал“ моментално е познат по своите напори за „оживување“ на изумрени видови, како што се додото и мамутот. Компанијата користи вештачка интелигенција, како и технологии што треба да го олеснат клонирањето на гените, односно нивната идентификација и копирање. Лам изјави дека првата група кучиња е планирана за клонирање и инкубација со остварување во 2027 година, а нивниот ангажман во службата се очекува во рок од две години по раѓањето. „ВиаГен“ (ViaGen), друга компанија во сопственост на „Колосал“, ќе соработува со „Ворхаунд“ за клонирањето. Според Лам, технологијата што ја користи „ВиаГен“ има висока стапка на успех, а „Колосал“ веќе ја користи во својата програма за заштита на загрозени видови.
„Ворхаунд“ сè уште не ја утврдил цената по која кучињата ќе бидат достапни, но очекува меѓу клиентите да бидат службите за итни случаи, Министерството за одбрана, воените единици и полициските сили. Запрашан за одобрението од владата, Лам рече дека компанијата веќе го претставила својот бизнис пред повеќе владини тела. Во однос на безбедноста на цивилите откако генетски подобрените кучиња ќе влезат во служба, Лам нагласи дека секое куче ќе биде дресирано исто како и секое друго воено работно куче и дека одговорноста ќе биде кај оној што го купува.
Компанијата исто така вели дека работи под надзор на Американското хумано друштво за да помогне во сертификацијата на програмата за обука. Се очекува дека по нивното пензионирање, кучињата ќе бидат вклучени во програмата на ова друштво за грижа за воени кучиња.
Како одговор на барањето за коментар, Американското хумано друштво изјави: „Го поздравуваме потегот на 'Ворхаунд' и 'Колосал' да ја повикаат првата национална хуманитарна организација во земјата — која својата работа ја темели на наука и етика — да учествува во овој процес. Со нетрпение очекуваме соработка за да се осигураме дека животните ќе се третираат хумано.“
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата