Стариот континент се наоѓа пред тотален социјален и политички колапс откако невиден бран од народни протести и крвави улични војни ги зафати метрополите во најмалку 12 европски држави! Експлозијата од народно незадоволство поради застрашувачката скапотија, неконтролираните кирии, кратењето на буџетите за образование и воените политики на владите ескалираше во неконтролиран хаос, палење владини згради и крвави пресметки со полицијата. Според шокантното истражување на шпанскиот весник „Ел Паис“, во период од само еден месец се регистрирани дури 177 масовни протести, а дури 80 отсто од нив се случиле во Франција, Шпанија, Италија, Португалија и Белгија.

Најдраматично и најкрваво е во соседна Албанија, каде што Тирана веќе речиси две недели е во тотална опсада, а граѓаните бараат итна оставка од премиерот Еди Рама. За време на викендот, бесните демонстранти го запалија влезот во Министерството за земјоделство, а огнот брзо се прошири и кон Министерството за животна средина и градската управа на Тирана. Централните улици се претворија во вистинско бојно поле – се поддигаа барикади од запалени контејнери и ископани тротоари, оддекнуваа експлозии од Молотови коктели и опасна пиротехника, додека специјалните полициски сили узвратија со жестоки канонади од солзавец, водени топови и гумени куршуми. Во неделните судири беа разбиени и прозорците на албанскиот парламент, додека Рама категорично одбива да се повлече.

Вистинска воена состојба владее и низ цела Франција. Според официјалните податоци на француското МВР, над 410.000 луѓе излегоа на 289 протести низ земјата, додека синдикатите тврдат дека бројката достигнала шокантни 800.000 демонстранти. Режимот на Емануел Макрон мобилизираше застрашувачка армија од дури 70.000 полицајци и жандарми за да ги спречи масовните грабежи и палења. И покрај тоа, во Париз и Марсеј избија брутални пресметки – за само еден ден беа уапсени дури 1.314 лица, демолирани се и опљачкани 24 продавници, а на улиците се вратија и озлогласените „Жолти елеци“ кои заедно со студентите и работниците најавуваат тотална блокада на државата и генерален штрајк за 5 ноември.
Драматично е и во Италија, каде што Владата на Џорџа Мелони мораше да изнесе дополнителни полициски и воени сили во Рим, Торино, Болоња и Милано за да ги заштити институциите од гневот на граѓаните кои протестираат против високите трошоци за живот и засилените воени издатоци. Во Милано дури 500 војници ги патролираат улиците, додека стотици дуќани превентивно ги затворија вратите од страв од вандализам. Улични барикади од електрични тротинети и сообраќајни знаци гореа и во срцето на Брисел под солзавецот на белгиската полиција, во Португалија специјалците со палки ги растураа шторските кампови на подстанарите во Лисабон и Порто, а повеќе од 25.000 луѓе маршираа во Мадрид. Слични масовни собири против воените буџети, скапите студии и високите кирии веќе ги тресат и Берлин, Виена, Атина, Даблин и Амстердам.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата