logo
logo
logo

25 години од нападот на 11 септември

Знаеме кој ја нападна Америка, НО ЕДНА МИСТЕРИЈА ОСТАНУВА НЕРЕШЕНА

Vecer | 11.09.2026

Знаеме кој ја нападна Америка, НО ЕДНА МИСТЕРИЈА ОСТАНУВА НЕРЕШЕНА

Четврт век подоцна, сликите од авионот кој удира во Јужната кула, рушењето на Кулите близначки и луѓето што бегаат по улиците на Менхетн покриени со прашина остануваат меѓу најпотресните кадри од почетокот на 21 век.

Нападите ја покренаа американската „војна против тероризмот“, доведоа до војната во Авганистан, ги променија правилата за безбедност во воздушниот сообраќај и ги проширија овластувањата на безбедносните и разузнавачките служби. Но, ниту 25 години подоцна, сите прашања не се затворени.

Семејствата на жртвите денеска повторно бараат објавување на доверливите документи, додека новооткриените материјали во долгогодишниот судски процес против Саудиска Арабија го отвараат прашањето дали поединци поврзани со саудиските структури им помагале на некои од киднаперите. Саудиска Арабија категорично ги негира тие тврдења.

Утрото што ја промени Америка

Беше вторник, 11 септември 2001 година. Четири патнички авиони полетаа од аеродромите на источниот брег на САД кон Калифорнија. Во нив се наоѓаа 19 киднапери на Ал Каида.

Летот 11 на „Американ ерлајнс“ полета од Бостон во 7:59 часот. Веќе во 8:19 часот стјуардесата Бети Ен Онг јави дека авионот е киднапиран и дека екипажот не може да влезе во пилотската кабина. Во 8:46 часот авионот удри во Северната кула на Светскиот трговски центар. На почетокот многумина веруваа дека станува збор за авионска несреќа. Телевизиските станици почнаа во живо да пренесуваат слики од запалениот небодер, додека пожарникарите и полицијата брзаа кон долниот Менхетн. Само 17 минути подоцна стана јасно дека Америка е нападната.

Вториот авион пред телевизиските камерии

Во 9:03 часот летот 175 на „Јунајтед ерлајнс“ удри во Јужната кула. Вториот удар се случи пред телевизиските камерии, па милиони луѓе ширум светот во живо го гледаа моментот кога авионот исчезна во небодерот.

Американскиот претседател Џорџ Буш во тој момент се наоѓаше во основно училиште на Флорида, каде што шефот на кабинетот Ендру Карди му соопшти дека втор авион удри во втората кула и дека Америка е нападната.

Во 9:37 часот летот 77 на „Американ ерлајнс“ удри во западната страна на Пентагон. Загинаа сите во авионот и 125 луѓе во зградата.

Американските власти потоа го затворија воздушниот простор, а на авионите кои веќе беа во лет им беше наредено да слетаат.

Бунтот на патниците на летот 93

На четвртиот киднапиран авион, летот 93 на „Јунајтед ерлајнс“, патниците преку телефонски разговори со луѓето на земја дознаа што се случило во Њујорк.

Сфаќајќи дека и нивниот авион е наменет за напад, во 9:57 часот се обидоа да продрат во пилотската кабина и да ги совладаат киднаперите. Авионот во 10:03 часот се урна во поле кај Шенксвил во Пенсилванија. Никој не преживеа. Се верува дека метата бил американскиот Капитол, макар што како можна мета се споменуваше и Белата куќа.

Рушењето на Кулите близначки

Во 9:59 часот се урна Јужната кула на Светскиот трговски центар. Во 10:28 часот падна и Северната кула.

Огромен облак од прашина и урнатини го покри долниот Менхетн, а на местото на комплексот остана урнатина која стана позната како Ground Zero. Подоцна истиот ден се урна и зградата 7 на Светскиот трговски центар.

Во нападите загинаа 2.977 луѓе, не сметувајќи ги 19-те киднапери. Меѓу жртвите имаше 343 пожарникари и 72 припадници на полициските и другите органи на ред.

Кој стоеше зад нападите?

Одговорноста за нападите му беше припишана на Ал Каида, на чие чело беше Осама бин Ладен.

Како главен архитект на операцијата се смета Калид Шеик Мохамед, кој идејата за користење киднапирани патнички авиони како оружје му ја претстави на Бин Ладен. Осама бин Ладен на почетокот ја негираше одговорноста, но во 2004 година јавно ја презеде одговорноста за организирањето на нападите. Американските специјални сили го убија во мај 2011 година во Аботобад во Пакистан.

Денот што го промени светот

Последиците од 11 септември беа огромни. САД ја покренаа глобалната „војна против тероризмот“, а веќе во октомври 2001 година почна војната во Авганистан. НАТО за прв и досега единствен пат го активира Членот 5, според кој нападот врз една членка се смета за напад врз сите.

Две години подоцна САД го нападнаа Ирак. Се промени и секојдневниот живот. Безбедносните контроли на аеродромите станаа многу построги, беше формирано Министерството за внатрешна безбедност, а американските безбедносни служби добија пошироки овластувања.

Илјадници пожарникари, полицајци, спасувачи и жители на Њујорк со години подоцна се соочуваа и со здравствените последици од изложеноста на отровната прашина на „Ground Zero“.

Новите документи отвораат стари прашања

Дваесет и пет години подоцна, едно од најосетливите прашања повторно е во центарот на вниманието.

Семејствата на жртвите со години водат судски спор против Саудиска Арабија, тврдејќи дека поединци поврзани со саудиските власти им помагале на некои од киднаперите. Во центарот на новите тврдења се наоѓа Омар ал-Бајуми, саудиски државјанин кој живеел во САД.

Семејствата тврдат дека на двајца идни киднапери, по нивното пристигнување во Калифорнија во 2000 година, им помагал да најдат стан, им давал пари и организирал собири за нив. Саудиска Арабија тврди дека Ал-Бајуми им помогнал на двајцата сонародници без да знае што планираат, додека тој негираше каква било врска со саудиската разузнавачка служба.

Снимката на Капитолот од 1999 година

Посебно внимание привлече снимката што Ал-Бајуми наводно ја направил во Вашингтон во 1999 година.

Семејствата на жртвите тврдат дека на снимката се гледа како ја проучува областа на Капитолот како можна мета, зборува за безбедноста на зградата, нејзината близина до аеродромот и го споменува „планот“.

Саудиските адвокати тврдат дека станува збор само за туристичка снимка. Дополнително внимание предизвикаа цртежот и математичкиот пресмет пронајдени во бележникот на Ал-Бајуми. Семејствата тврдат дека тие претставуваат пресметување на потребниот правец за наведување на авионот кон целта на земјата. Саудиската страна тврди дека станува збор за училишна задача на неговото дете.

Случајот оди кон судење

Судијата минатата година оценил дека семејствата претставиле доволно материјал за нивниот случај против Саудиска Арабија да продолжи кон судење.

Меѓутоа, тоа не значи дека е утврдена одговорноста на Саудиска Арабија, ниту пак постојат докази дека највисокиот саудиски државен врв знаел за планот за напад.

Саудиска Арабија со години отфрла каква било вмешаност, нагласувајќи дека е сојузник на САД и непријател на Ал Каида.

Дополнителна контроверза предизвикува фактот што британските власти некои од материјалите ги пронашле во домот на Ал-Бајуми само десет дена по нападите и ги проследиле до ФБИ.

Семејствата на жртвите тврдат дека голем дел од тие докази не му биле достапни на Комисијата за 11 септември, која во 2004 година заклучи дека нема докази оти саудиската влада како институција ја финансирала Ал Каида.

Семејствата бараат објавување на тајните документи

Семејствата на загинатите сега бараат од администрацијата на претседателот Доналд Трамп да ја декласифицира дополнителната документација, особено телефонските записници што би можеле да ги расветлат контактите меѓу Ал-Бајуми и киднаперите.

Белата куќа соопшти дека работи на идентификување на документите што би можеле да одговорат на нивните барања.

Истовремено, Калид Шеик Мохамед, човекот што САД го сметаат за главен архитект на нападите, треба да се соочи со судење дури во јуни 2028 година.

Четврт век подоцна

На местото каде што некогаш стоеа Кулите близначки денеска се наоѓаат два меморијални базена со имињата на загинатите, додека над обновениот комплекс се издигнува One World Trade Center.

Денеска, точно 25 години по нападите, Америка повторно се сеќава на речиси 3.000 луѓе што тоа утро го загубија животот.

Настаните од 11 септември се реконструирани речиси минута по минута и познато е дека зад нападите стоеше Ал Каида. Сепак, семејствата на жртвите и понатаму бараат одговор на едно од најважните преостанати прашања: дали до денес е откриена целата приказна за тоа кој сè им помагал на киднаперите во подготовката на нападите.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk