logo
logo
logo

ПОРНО ЅВЕЗДА, ПРИПАДНИК НА СЕКТА И ФУНКЦИОНЕР НА „ШТАЗИ“ на пратеничката листа на АФД

Vecer | 10.09.2026

ПОРНО ЅВЕЗДА, ПРИПАДНИК НА СЕКТА И ФУНКЦИОНЕР НА „ШТАЗИ“ на пратеничката листа на АФД

Тринаесет години по своето основање, германската десничарска партија Алтернатива за Германија (АфД) прави силен обид да се наметне како сериозна владејачка опција. Изгледа дека напорите за бришење на врските со неонацизмот и екстремизмот вродија со плод по историската победа на изборите во сојузната држава Саксонија-Анхалт. Сепак, изборните резултати откриваат шокантен податоци за тоа каков кадар германските гласачи испраќаат во парламентот - од поранешни тајни агенти до лица со бизарни биографии.

Иако на партијата ѝ недостигаат само три места до апсолутно мнозинство, таа е во доминантна позиција да ја формира новата државна влада. Кампањата ја води Улрих Зигмунд, насмеан „обичен човек“ и поранешен член на ЦДУ, кој вешто ја позиционираше АфД како алтернатива за гласачите разочарани од федералните политики на Фридрих Мерц. Но, на пратеничките листи на победничката партија се најдоа имиња кои веќе ја креваат прашината во германската јавност, пишува „Телеграф“.

Штази, пагански секти и експлицитни видеа

Меѓу новите лица е и 78-годишниот Франк-Роналд Бишоф, кој јавно призна дека бил висок функционер на печалената источногерманска тајна полиција - Штази. Според локалните извештаи, тој со години учествувал во задушувањето на антикомунистичките протести и го прогонувал населението што сакало да бега од тогашниот режим на ДДР. Кога медиумите го прашаа за неговото минато, тој ладнокрвно изјави дека само „совесно ги извршувал должностите“.

Филип-Андерс Рау
Филип-Андерс Рау

Уште попредизвикувачки се случаите на двајца кандидати кои освоија над 40 отсто од гласовите, а се под сериозна полициска истрага поради поврзаност со забранетата расистичка секта „Артгемајншафт“. Еден од нив е Симон Лансман, во чиј дом полицијата неодамна изврши претрес. Истрагата се отвори откако властите спречиле ноќен пагански обред на неговата фарма за време на летниот солстициј, каде според „Дер Шпигел“ учесниците носеле факели и ја пееле химната на Хитлеровата младина.

Листата ја комплетира и Филип-Андерс Рау, поранешен студент исфрлен од факултет поради лажење на испити, кој своевремено крадел пешкири од хотел во Минхен, но и учествувал во снимање филмови за возрасни на јавни места.

Страв од преземање на разузнавачките тајни

Успехот на АфД во оваа покраина предизвика вистинска паника меѓу политичките ривали. Доколку партијата го преземе ресорот за внатрешни работи, што е речиси сигурно, тие ќе добијат целосна контрола над покраинската разузнавачка служба и доверливите полициски досиеја.

Досега АфД беше предмет на надзор од овие служби, кои користеа доушници и прислушување внатре во партијата. Сега ситуацијата се врти во корист на десничарите, кои би можеле да дознаат како биле следени. Како одговор на ова, министрите за внатрешни работи од другите германски покраини веќе размислуваат како целосно да ја исклучат Саксонија-Анхалт од вообичаената меѓupокраинска размена на доверливи безбедносни информации.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk