Украинската полиција објави снимка за која тврди дека прикажува руски дрон како следи и напаѓа цивил на пазар. Според укранските власти, мета на нападот бил 52 - годишен маж од Миколаивската област, кој продавал зеленчук и немал никакви ознаки дена е воено лице.
Од нападот, мажот преживеал, но се здобил со повреди од експлозијата, шрапнели и потрес на мозокот, по што бил пренесен на лекарска помош. Украинските власти случајот го оценија како можен воен злостор.
Украинската полиција случајот го документира како воено злосторство, тврдејќи дека руските сили речиси секојдневно изведуваат напади со дронови врз цивили во Херсон и пошироката област. Според нив, најчести цели се случајни минувачи, приватни возила, јавен превоз и екипи на итната помош.
Во нападите што се случиле на 3 август во Херсонската област, според украинските власти, биле повредени 18 цивили, а две лица загинале.
Русија засега не се огласи по повод објавената снимка и не ги коментираше тврдењата на украинската страна.
Жителите на Херсон овие напади ги нарекуваат „човечки сафари“, бидејќи, според нив, мали руски дронови ги следат цивилите и фрлаат експлозив врз нив. По ослободувањето на градот од украинските сили во ноември 2022 година, руските сили останаа на спротивниот брег на реката Днепар, од каде, според Киев, ги изведуваат овие напади.
Организацијата „Хјуман рајтс воч“ соопшти дека анализирала 83 видеоснимки и документирала најмалку 45 случаи во кои, според достапните докази, руски дронови намерно нападнале цивили и цивилни објекти. Организацијата оценува дека ваквите напади шират страв меѓу населението и може да претставуваат воени злосторства и злосторства против човештвото.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата