Тројца убиени се пронајдени во куќата на мажот кој вчера уби 6 луѓе во Краков, Полска, потврди полскиот премиер Доналд Туск. Станува збор за две жени и еден маж, а според првичните информации, најверојатно се членови на семејството на напаѓачот.
Туск го потврди откритието на вечерен состанок со министрите и претставниците на безбедносните служби во Краков. Идентитетите на тројцата починати сè уште не се официјално објавени, а истражителите ги утврдуваат околностите на нивната смрт.
Полскиот медиум „Онет“ неофицијално дознава дека станува збор за родителите и сестрата на напаѓачот.
Според „Онет“, телата се пронајдени во стан во градот Островјец Свјетокржиски, каде што живеел 24-годишниот напаѓач.
Полицијата ја евакуирала станбената зграда, а на местото на настанот пристигнале и членови на антитерористичката единица. Телата се откриени со помош на полициски дрон.
Премиерот Туск рече дека сè укажува дека починатите биле членови на потесното семејство на напаѓачот. Сепак, сè уште не е официјално потврдено како починале, кога починале или дали ги убил осомничениот.
Полскиот премиер го нарече нападот терористички.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата