Бизнисмен со седиште во Мајами, по кого во Албанија е распишана потерница поради сомнение за перење пари стекнати со трговија со дрога, е осомничен и за фалсификување на сопственичка документација за земјиште на кое Џаред Кушнер планира да изгради туристички комплекс вреден повеќе милијарди долари, се наведува во предметите на албанската Агенција за борба против организираниот криминал, во кои Ројтерс имал увид.
Бизнисменот Артур Шеху ги отфрла сите обвинувања, изјави неговиот адвокат Кујтим Цакрани, кој потврди дека албанските обвинители издале налог за апсење на Шеху поради сомнение за перење пари за нарко-групи.
Според документите од предметот, Шеху и неговите соработници се товарат дека криумчареле кокаин од Јужна Америка во европските пристаништа и така стекнатите пари ги переле со инвестирање во изградба на деловна империја во секторот за недвижности, вклучувајќи и преку користење на фалсификувана документација за сопственост над земјиштето.
„Ништо од она што се тврди за господинот Артур Шеху не е точно. Тој не е ниту трговец со дрога, ниту фалсификатор на сопственичка документација“, рече неговиот адвокат Кујтим Цакрани.
„Шеху е запознаен со обвинувањата што ги изнесе албанското обвинителство. Меѓутоа, тие не се однесуваат на него, бидејќи смета дека вистината е сосема поинаква од она што го тврди обвинителството“.
Портпаролот на американското Министерство за правда одби да коментира дали од Албанија е примено барање за лоцирање или приведување на Шеху во Мајами.
Во април, Шеху продал дел од недопрениот албански брег, предвиден за изградба на туристички комплекс, на компанијата Albania Land Development, која е во сопственост на инвеститорот на проектот зад кој стојат компанијата Sazan Real Estate Development и други вложувачи.
„Врз основа на присобраните докази, постои основано сомнение дека наведениот имот е стекнат со користење на фалсификувана документација“, наведоа обвинителите во предметите.
Во тие документи не се изнесуваат никакви обвинувања против зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер, ниту против компаниите Sazan Real Estate Development, Albania Land Development или другите инвеститори во проектот за туристичкиот комплекс.
Ројтерс не пронајде никакви индиции дека инвеститорите, во моментот на купување на земјиштето од Шеху, биле запознаени со сомнежите кои го товарат.
Портпаролот на компанијата Sazan Real Estate Development не одговори на прашањата на Ројтерс за обвинувањата против Шеху, но изјави дека компанијата смета дека купувањето на земјиштето било законито.
Компанијата Albania Land Development не одговори на барањето за коментар.
Портпаролот на Џаред Кушнер одби да го коментира овој случај. Иако компанијата Sazan потврди дека Кушнер е еден од инвеститорите во проектот, природата на неговата улога и висината на неговата инвестиција не се јавно објавени.
Спорниот проект на недопрениот брег
Обвинувањата дека сопственичката документација би можела да биде фалсификувана претставуваат нов предизвик за овој високопрофилен проект, кој веќе предизвика масовни протести поради тврдењата дека ги загрозува природата и дивиот свет во тоа подрачје.
- Жителите на селото Зврнец, во близина на планираната локација на проектот, повеќе од десет години пред судовите го оспоруваат правото на сопственост на Шеху над тоа земјиште.
- Минатиот месец, дванаесетмина од нив му покажаа на Ројтерс сопственички листови и даночна документација за кои тврдат дека докажуваат дека токму тие се законитите сопственици на земјиштето.
- Нивниот адвокат Константин Беко рече дека постапката сè уште е во тек и дека планираат да побараат судска забрана за продолжување на проектот за изградба на туристичкиот комплекс.
Албанија, некогаш една од најсиромашните и најизолираните земји во Европа, денес е кандидат за членство во Европската унија и минува низ градежен бум долж еден од последните недопрени брегови на Јадранското Море.
Туристичкиот комплекс зад кој стојат инвеститори поврзани со Кушнер е планиран долж потег на диви плажи, шуми и мочуришно подрачје кое е живеалиште на морски желки и фламинга. Овие птици станаа симбол на противниците на проектот, кои своите протести ги нарекуваат „Револуција на фламингата“.
Сопругата на Кушнер, Иванка Трамп, рече дека таа и нејзиниот сопруг дошле до идејата за овој комплекс кога пред неколку години од јахта го здогледале тој брег.
Кушнер во 2024 година на социјалните мрежи ги објави плановите за проектот, придружени со визуелизација од уметник, на која земјиштето е прикажано покриено со хотели, вили, базени и пристаништа за јахти. Тој не објави јавно колку пари инвестирал во проектот.
Албанската влада силно ги поддржува плановите и тврди дека протестите ги организираат нејзините политички противници. Премиерот Еди Рама минатиот месец изјави за Ројтерс дека тоа е „убав“ проект и дека ќе биде реализиран без оглед на противењето.
Прашана за наводите од судските документи против Шеху, владата соопшти чека дека нема да се меша во приватни трансакции, но дека проектот се спроведува во согласност со албанските закони и прописите на Европската унија.
Брисел претходно ја повика Албанија, како кандидат за членство во ЕУ, во врска со проектот да ги почитува европските прописи за заштита на животната средина. Портпаролот на Европската комисија не сакаше дополнително да го коментира овој случај.
Се вклучува албанското обвинителство
Документите против Шеху ги подготви албанската Специјална структура за борба против корупцијата и организираниот криминал (СПАК), основана во 2019 година со цел борба против корупцијата, со сопствени истражители и обвинители независни од редовната полиција и обвинителство.
Документите содржат 200 страници и не се јавно објавени. На прашањето за нив, портпаролот на агенцијата потврди дека СПАК води истрага за тој случај, но одби да даде дополнителни информации.
Документите датираат од 12 јуни 2026 година. Истиот ден, СПАК јавно објави дека се издадени налози за апсење на 20 лица поради трговија со наркотици и перење пари стекнати од тие зделки.
За разлика од судските документи, во кои Шеху и другите лица се наведени со нивните полни имиња, во налозите за апсење осомничените се означени само со иницијали, во согласност со вообичаената пракса во Албанија според која имињата на осомничените не се објавуваат пред поднесувањето на обвинението.
Иницијалите од налогот за апсење соодветствуваат со целосните имиња на лицата наведени во документите од предметот, вклучувајќи го и осомничениот означен како „А.Ш.“
Адвокатот на Шеху, Цакрани, потврдувајќи дека неговиот клиент е меѓу лицата кои се предмет на истрага, рече дека не е загрижен поради налогот за апсење, бидејќи „нашироко се верува“ дека албанските обвинители делуваат под влијание на политичари и бизнисмени.
СПАК не соопшти дали некој од 20-те осомничени во меѓувреме е уапсен или обвинет.
Албанец кој живее во Мајами
Документите на СПАК наведуваат дека Шеху го продал земјиштето за проектот за одморалиштето за околу 110 милиони евра, а дека обвинителството наложило замрзнување на тие пари на сметката на нотарот, со што е спречено средствата да стигнат до Шеху.
СПАК наведува дека Шеху и неговите соработници „купувале земјиште користејќи незаконски стекнати средства и фалсификувани сопственички документи, создавајќи лажни имотни листови или вештачки зголемувајќи ја површината на парцелите“.
„Недвижностите потоа биле пренесувани или разменувани за властите да не можат лесно да ги следат.“
Портпаролот на компанијата Sazan Real Estate Development изјави: „И понатаму веруваме дека основните купувања на земјиштето беа спроведени законито и во согласност со важечките процедури. Како и секогаш, ќе почитуваме и ќе соработуваме во секоја законска постапка доколку тоа биде потребно.“
Ројтерс побара дополнително објаснување зошто компанијата смета дека купувањето на земјиштето било законито, имајќи ги предвид обвинувањата на обвинителството против Шеху, но не доби нов одговор.
Адвокатот на Шеху, Цакрани, изјави за Ројтерс дека семејството на неговиот клиент го поседувало земјиштето уште од времето на Отоманската империја, пред повеќе од 100 години, и дека Шеху законито го продал на инвеститорите на туристичкиот комплекс.
Цакрани го опиша Шеху како угледен граѓанин кој во 1998 година побарал политички азил во Соединетите Држави, откако „криминални банди“ пред негови очи му ги убиле братот и чичкото. Ројтерс не можеше независно да го потврди ова тврдење.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата