Компанијата „Victoria Beckham Holdings Ltd“, каде што поранешната членка на групата „Spice Girls“ работи како креативна директорка, оствари оперативен профит од 7,3 милиони фунти во 2025 година (8,52 милиони евра), по повеќегодишно работење со загуби.
„Сите работевме долго и напорно за да дојдеме до овој момент на профитабилност и раст“, изјави Бекам за „Фајненшал тајмс“.
Она истакна дека компанијата била отворена во врска со проблемите со кои се соочувала, но дека ги надминала и дека сега расте со „разумно темпо“.
Продажбата на компанијата минатата година дополнително беше поттикната од документарецот на „Нетфликс“ за обидите на Викторија Бекам да изгради моден бренд и да оствари профитабилно работење.
Модниот дел од компанијата забележа двоцифрен раст во 2025 година, додека козметичкиот сегмент, стартуван во 2019 година, оствари еден од најдобрите резултати досега.
Голема популарност постигна производот „Foundation Drops“, за кој постоеше листа на чекање од 25.000 купувачи, а неговата продажба ја удвои големината на секторот за нега на кожата.
Документарецот ги прикажа и финансиските проблеми на компанијата, која во еден момент имаше долгови од повеќе десетици милиони фунти. Сопругот на Викторија Бекам, поранешниот британски фудбалер Дејвид Бекам, тогаш ѝ помагаше финансиски за компанијата да опстане.
„Да не веруваше во мене, сега немаше да имам бизнис“, наведе Викторија Бекам.
Компанијата во 2017 година доби инвестиција од 30 милиони фунти, откако на инвестициската фирма „NEO Investment Partners“ ѝ беа продадени 30 проценти од уделите. Инвестицијата беше искористена за реструктурирање на работењето и за намалување на трошоците.
Претседателот на компанијата, Дејвид Белхасен, оцени дека остварувањето на првиот оперативен профит е „значаен момент“ и дека компанијата е добро позиционирана за следната фаза на профитабилен раст.
Извршната директорка Сибила Дарикјер Лунел изјави дека резултатот претставува „пресвртница“ за компанијата и дека е особено значаен имајќи ги предвид предизвикувачката состојба на пазарот на луксузна стока и поширокото макроекономско опкружување.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата