Јапонија во вторникот вечерта прогласи вонредна состојба од највисок степен поради обилните дождови и поплавите во делови од префектурите Аичи и Гифу, во централниот дел на земјата.
Предупредување од највисокото, 5-то ниво е издадено за реката Шонај, која минува низ двете префектури што беа погодени од историски, рекордни поплави, пренесува „Japan Times“.
Градот Нагоја, кој има 2,5 милиони жители, е буквално потопен со најголемо количество врнежи во својата забележана историја, пренесува „РТ“. Обилните врнежи во Нагоја достигнаа рекордни 104,5 милиметри, а реката Шонај го поплави речиси целиот град. Евакуирани се околу 2.700 луѓе, а неколку лица задобиле полесни повреди.
Предупредувањето од ниво 5 ги повикува жителите на Јапонија да ја проценат својата околина и да се префрлат на најбезбедната можна локација, како што е блиска висока зграда, повисок кат или повисок терен.
Во делови од општините Чикуса, Моријама и Меито, луѓето се предупредени да не се задржуваат во подземните простории, бидејќи дренажните системи не се во состојба да го поднесат непрекинатиот дожд, а постои и ризик од навлегување вода во подвозниците, подземните трговски премини и подземните гаражи.
Сликите објавени на социјалните мрежи прикажуваат автомобили како возат по патишта под вода која им достигнува до вратите.
„Ова не се климатски промени, ова е нешто позлокобно“, напиша еден од корисниците на мрежата X.
„Библиски потоп!“, наведе друг корисник на платформата X, додека многумина ги коментираа сцените од потопот како „надреални“.
Властите предупредија дека подвозниците и другите подрачја во градската општина Минато се исто така поплавени. Сите патници во возилата успеале самите да се извлечат и никој не останал заробен.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата