Вашингтон со нов потег испраќа сигнал до владата на Бенјамин Нетанјаху, откако администрацијата на Доналд Трамп не се спротивставила на британската иницијатива за воведување нови санкции кон израелските населби на окупираниот Западен Брег. Според американски претставници и западни дипломати, одлуката на Белата куќа да не го блокира предлогот укажува на незадоволство во Вашингтон од дел од политиките на израелската влада, објави „Аксиос“.
Велика Британија во вторникот соопшти дека воведува санкции против поединци и компании вклучени во изградбата на израелски населби на Западниот Брег. Лондон најави и забрана за увоз на стоки произведени во тие населби.
Одлуката следува по одлуката на израелската влада да продолжи со изградба на нова населба во чувствителната област Е1. Според оценките, ваквиот проект би можел да го подели Западниот Брег и да ја наруши територијалната поврзаност на евентуалната идна палестинска држава. На изградбата во зоната Е1 со години се спротивставувале и демократските и републиканските администрации во САД.
Кон британската иницијатива се приклучија Канада, Данска, Финска, Франција, Исланд, Ирска, Норвешка, Полска, Португалија, Шпанија и Шведска. Овие земји изразија намера да воведат национални ограничувања или да поддржат европски ограничувања за трговијата со стоки од израелските населби на окупираниот Западен Брег.
Како одговор, владата на Нетанјаху најави затворање на британскиот конзулат во Источен Ерусалим, кој е задолжен и за односите со Палестинската самоуправа. Израелските власти исто така ги отстранија британските дипломати и воени претставници од работната група за Газа предводена од САД и ја прекинаа британската воена мисија за обука на Западниот Брег.
Според дипломатски извори, британскиот премиер Енди Барнам претходно го информирал Трамп за плановите за санкциите. Два извора запознаени со разговорот тврдат дека американскиот претседател не се спротивставил на мерките и не побарал од Барнам да се откаже од иницијативата.
Американски претставници, според истите извори, на своите британски колеги им кажале дека ја делат загриженоста во врска со политиките на владата на Нетанјаху, иако не ги поддржуваат конкретните санкции.
Американскиот државен секретар Марко Рубио вчера не ја осуди британската одлука. На прашање од новинарите тој изјавил дека Вашингтон бил информиран за потегот и ги слушнал аргументите на британската страна.
„Заедничка цел ни е стабилноста. Не сакаме зголемување на насилството или тензиите на Западниот Брег во овој чувствителен момент за регионот“, изјавил Рубио.
Во меѓувреме, Белата куќа се огради од изјавите на американскиот амбасадор во Израел, Мајк Хакаби, кој во интервју за Би-би-си ги критикуваше британските санкции. Американски претставник изјавил за „Аксиос“ дека неговите коментари „не биле усогласени со Белата куќа ниту со Стејт департментот“.
Хакаби ја оцени одлуката на британската влада како „дискриминација на еврејскиот народ“, прашувајќи зошто Лондон воведува мерки против израелските населби, а не и против други држави.
„Тоа е ирационален потег“, изјавил Хакаби, наведувајќи ги Северна Кореја, Кина и Русија како примери.
Велика Британија, сепак, во изминатите години има воведено бројни санкции кон Русија, Северна Кореја и Кина.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата