Прв проблем за Покетино: На социјалните мрежи протече снимка од тренингот на Јунајтед пред дербито

Vecer | 20.11.2026

Прв проблем за Покетино: На социјалните мрежи протече снимка од тренингот на Јунајтед пред дербито
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

ФОТО:manutd.com/
Првиот тренинг на Маурисио Покетино како тренер на Манчестер Јунајтед беше снимен со дрон. Снимката во времетраење од 12 минути беше објавена на YouTube, па навивачите добија несекојдневен увид во работата на новиот тренер и неговиот стручен штаб, објави Би-Би-Си.

Операторот на дронот тврди дека снимањето било целосно легално и дека притоа не прекршил ниту еден пропис.

„За оние кои се прашуваат дали ова е легално, станува збор за неконтролиран воздушен простор, што значи дека секој може да лета над него. Дронот цело време ми беше во видното поле. Не леташе над никого, ниту во близина на некого, па летот беше целосно легален според правилата на Агенцијата за цивилно воздухопловство (CAA). Уредот е правилно означен, а јас ги поседувам сите потребни дозволи и осигурување“, објасни операторот.

Тврди дека не открил никакви тактички тајни

Операторот ги отфрли и тврдењата дека со снимањето можел да ги открие тактичките замисли на новиот тренер на Манчестер Јунајтед.

„Снимката е направена половина час по почетокот на првиот тренинг на новиот менаџер. Таму имаше многу медиуми, па ова сигурно нема да биде единствената објавена снимка“, додаде тој.

Тренингот истовремено го снимала и клупската телевизија на Јунајтед. Насоките на британската Агенција за цивилно воздухопловство предупредуваат дека користењето дронови на места каде што луѓето очекуваат приватност, како домови или градини, најверојатно претставува прекршување на законите за заштита на личните податоци.

Од Манчестер Јунајтед одбиле да го коментираат случајот.

Што откри снимката?

На снимката се гледа Покетино како работи со група од десет фудбалери, меѓу кои се Хари Мегваер, Коби Мејну, Амад Дијало, Матеус Куња и Брајан Мбеумо. Во истата група биле и Ејден Хевен, Андреј Сантос, Џошуа Зиркзе, Хари Амас и 17-годишниот Жауме Камачо.

Сепак, мала е веројатноста оваа група да го претставува почетниот состав за неделниот натпревар против Ливерпул. На соседниот терен, капитенот Бруно Фернандеш тренирал заедно со младите фудбалери Шеј Лејси, Ден Армер и Бендито Мантато.

Во посебна група тренирале Лисандро Мартинез, Матјас де Лихт, Јури Тилеманс, Мејсон Маунт, Лени Јоро, Нусаир Мазрауи и Диого Далот. Работата на оваа група ја надгледувал помошникот на Покетино, Хесус Перез.

На тренингот учествувале и близнаците Џек и Тајлер Флечер, распоредени во различни групи, додека од клубот потврдиле дека меѓу присутните бил и дефанзивецот Патрик Доргу.

Покетино го презеде Манчестер Јунајтед на 18 ноември, откако клубот му врачи отказ на Мајкл Карик поради лошите резултати. Аргентинскиот стратег ја напушти селекторската функција во репрезентацијата на САД и потпиша договор со англискиот гигант до летото 2029 година.

Јунајтед моментално се наоѓа на 18. место во Премиер-лигата, во зоната за испаѓање, а Покетино ќе дебитира в недела, на 22 ноември, против Ливерпул на „Енфилд“.

Новиот тренер ќе има само неколку дена за подготовка на тимот пред едно од најголемите дербија во англискиот фудбал. Натпреварот започнува во 17:30 часот по македонско време.

🚨OFFICAL:

Mauricio Pochettino FIRST training session WITH Manchester United.

#MUFC | 🎬@CCOveriew https://t.co/dOlAdvhWry

— TBTFootball (@TBTSportsUK) November 19, 2026


sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk