Автопатот Кичево–Охрид се очекува целосно да биде ставен во функција во првиот квартал од 2027 година, најави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски. Во меѓувреме, во септември се очекува да биде најавен и почетокот на изградбата на 12-километарската делница Кичево–Букојчани, која треба да ја поврзе Стража со автопатот Охрид–Струга–Кичево.
– Во однос на најтешкиот дел од автопатот Охрид–Кичево, од Извор до Врбјани, две галерии се целосно завршени, третата е со 70 проценти реализација, а четвртата со 50-ина проценти. Во тунелите се поставуваат софтвер, сигнализација за следење на сообраќајот и за рано предупредување од пожари, вентилациски системи, како и супермодерен контролен центар – вели министерот.
Николоски очекува во октомври овој најтежок дел од автопатот да биде ставен во функција. Потоа ќе остане да се реши уште делот кај Ботун, а во првиот квартал од 2027 година автопатот да биде целосно ставен во функција.
– Но, не застануваме тука. Знаете дека се градат патиштата Тетово–Гостивар и Гостивар–Букојчани. Очекувам добри вести од ЕБОР и во септември да најавиме изградба на уште еден автопат, Кичево–Букојчани, во должина од 12-ина километри, кој треба да ја спои Стража со автопатот Охрид–Струга–Кичево – истакна Николоски.
Николоски ова го изјави одговарајќи на новинарски прашања по работната посета на Општина Струга и средбата со градоначалникот Менди Ќура.
Делницата Извор–Врбјани е еден од најсложените делови од автопатот Кичево–Охрид, а на неа се работи на повеќе инженерски зафати, вклучително и галерии и тунелски објекти. Актуелните најави се дека овој дел би требало да биде пуштен во сообраќај во септември или октомври, додека целосното ставање во функција на автопатското решение се очекува во првиот квартал од 2027 година.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата