Амбасадата во Париз продолжува со иницијативата „Клуб на пријатели на Амбасадата“ (Club des Amis de l’Ambassade) во која македонското дипломатско претставништво станува отворен простор за средби, идеи, соработка и нови пријателства.
,,Нашата цел е да ги обединиме сите оние кои ја сакаат земјата, ја почитуваат нејзината култура и традиција и сакаат да придонесат за зајакнување на македонско-француското пријателство”, објави македонскиот амбасадор во Париз, Игор Гила Николов.
Клубот ги отвора вратите за дијаспората, француските пријатели, како и претставниците на академската, културната и деловната заедница, како и за сите луѓе со добра волја и желба за поврзување.
,,Ве повикуваме да ни се придружите! Да создадеме заедница во која идеите се претвораат во иницијативи, познанствата во пријателства, а пријателствата во трајни партнерства.
Амбасадата е повеќе од дипломатско претставништво – таа е дом на пријателството, соработката и заедничките можности. Бидете дел од нашата приказна!
Повеќе пријателство. Повеќе соработка. Повеќе заеднички хоризонти”, пишува Николов во поканата во врска со Клубот на пријатели на македонската амбасада во Париз.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата