Македонија и понатаму останува со најниски цени на горивата во регионот, уверува премиерот Христијан Мицкоски. Тој најави дека Владата е подготвена да интервенира доколку има значителни промени на светските берзи на нафта, а се осврна и на новите американски царински политики.
Како што посочуваат од Владата, по преговорите од изминатиот период првичните царини од 33 проценти од минатата година беа намалени на 15 проценти, по што следеа усогласувања согласно глобалните одлуки во САД.
Мицкоски ги увери граѓаните за цените на горивата и ги појасни трговските односи со Вашингтон:
„Ја следиме состојбата со нафтата. Ние остануваме земја која има убедливо најниски цени во регионот кога станува збор за бензините и дизел горивото. Граѓаните треба да бидат спокојни, доколку има потреба ќе реагираме промптно. Нафтата е берзански производ, ја купуваме од исто место како и другите, но нашата политика е да ја задржиме најниската цена на горивата во регионот и таа политика ќе продолжи.“
Хронологија на царинските тарифи со САД
Во однос на извозните услови за македонските компании на американскиот пазар, премиерот ги изнесе следните податоци:
„Ние сме во групата на држави кои не добија дополнителни царини, но тоа не значи дека тргуваме со САД без царини. Да дадам хронологија: во април ’25 година се воведоа првите царински тарифи од 33%. Во август ’25 година, преку преговори на Министерството за надворешни работи, ги спуштивме на 15%. Потоа, во февруари ’26 година, Врховниот суд на САД ги укина, но се воведе трговски додаток од 10% кон сите земји во светот. Сегашната одлука на администрацијата на САД воведува различни тарифи (10-12.5%) за 60 држави. Ние не сме во таа група, но тоа не значи дека немаме стандардни царини. И Србија има царини кон САД, исто како и ние. Ние цениме дека како стратешки партнери со САД треба да се работиме како што заслужуваат стратешки партнери и ова е нормална политика која така треба да функционира.“
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата