Пожарот кој од Велес се прошири кон Зелениково се уште е активен, но благодарение на брзата интервенција на велешките пожарникари значително е намален интензитетот и се заштитени две загрозени села. Во исто време, значително е намален и пожарот во Македонски Брод, додека активен пожар има и во селото Рамни Габер во општина Студеничани, но тој засега не претставува опасност за населените места, информираше директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Карактеристичко за сите пожари, посочи тој, е тоа што никаде не гори квалитетна борова шума или друг тип шума.
-Во овој момент нема загрозени села. Депонијата во Кратово е целосно затрупана и не претставува опасност за загадување на воздухот. Во текот на вчерашниот ден имавме 29 пожари на отворен простор. Благодарение на брзата реакција, а понекогаш и повеќечасовната борба на пожарникарите со пожарите 23 од нив беа изгаснати во текот на вечрашниот ден и во ноќните часови, додека шест се активни ова утро,, рече Ангелов.
Тој потсети дека синоќа имаше вистинска драма во селото Чаниште оддалечено 30 км од Прилеп.
-Огнот навлезе меѓу селските куќи, но според информации кои ги добив додека бев во селото не е изгорена ниту една куќа во која живеат останатите жители во селото. Сите жители на селото ноќта ја поминаа во своите домови. Изгорени се неколку стари и напуштени куќи, можеби некои од нив се користеле за престој на нивните сопственици, рече Ангелов.
Посочи дека денеска овој пожар ќе го стават под целосна контрола.
-Втората ситуација ја имавме синоќа на пожарот на територијата на општина Јегуновце кој навлезе во атарот на селото Туденце и го загрози блискиот манастир. Упатив неколку тимови на Дирекцијата за заштита и спасување и тоа од доброволци од Гостивар, од доброволното друштво „Чаир“ од Скопје и едно друштво од Тетово, истакна Ангелов и воедно апелираше до граѓаните да бидат исклучително внимателни бидејќи е доволна само искра за вистина катастрофа.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата