logo
logo
logo

ВИДЕО | ПОЖАРИ НА ОСУМ ЛОКАЦИИ НИЗ МАКЕДОНИЈА - „Ер трактори“ го гаснат огнот кај Палиград - спасено селото Бонче

Vecer | 23.08.2026

ВИДЕО | ПОЖАРИ НА ОСУМ ЛОКАЦИИ НИЗ МАКЕДОНИЈА - „Ер трактори“ го гаснат огнот кај Палиград - спасено селото Бонче

Состојбата со пожарите во земјава останува алармантна, откако во изминатото деноноќие се регистрирани вкупно 31 пожар на отворен простор. Од нив, 23 се изгаснати, додека осум пожари сè уште се активни. Од ЦУК информираат дека засега нема загинати или повредени лица, ниту изгорени куќи, но високите температури кои продолжуваат и во наредните денови, без најава за дожд, дополнително го зголемуваат ризикот од нови пожари. ЦУК упатува апел до граѓаните на максимална внимателност.

Активен е пожарот кај селото Бонче во Општина Прилеп, каде што горат ниска вегетација и нискостеблести растенија.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов вели дека доброволните пожарникари од Битола и Кочани од синоќа биле распоредени на линијата на огнот и спречиле тој да се прошири кон селото во кое има десетици куќи распоредени на неколку ридови.

„Околу селото има многу висока вегетација. Иако изминатите денови се обидовме да направиме противпожарни пресеки, но поради лошиот терен тоа беше невозможно“, вели Ангелов во утринската изјава за состојбата со пожарите.

За гаснење на овој пожар биле повикани и професионалните пожарникари од Прилеп и од Кавадарци, а на местото имало и екипа на Итната медицинска помош бидејќи состојбата била многу лоша.

Ангелов кажа и дека неколку од доброволните пожарникари од Битола вдишале чад.

„Огромна благодарност до пожарникарите затоа што ако не беа тие огнот сигурно ќе преминеше во селото и ќе имавме страшна глетка. Избегната е голема трагедија“, рече Ангелов.

Утринава активен е и пожарот што опфаќа мешана шума и се протега на потегот меѓу селата Моране, Вртекица и Рамни Габер, со крак кон селото Палиград, како и над селото Вражале во Општините Студеничани и Зелениково.

Ангелов вели дека утринава три „ертрактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување интервенирале во гаснење на пожарот над Палиград кој се приближил на стотина метри од последните куќи.

Во Општина Студеничани активен е и пожарот на потегот од селото Цветово кон стариот пат за Елово каде што горат ниска вегетација и ниска шума.

Податоците од ЦУК велат дека пожар на ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки е активен во месностите Видуш, кај селата Драгов Дол и Локвица во Општина Македонски Брод.

Во Општина Кичево зафатена е високостеблеста букова шума во месноста Дарда кај селото Тајмиште.

Пожар на мешана шума е активен меѓу селата Ломница и Ѓурѓевиште во Општина Врапчиште, а во Општина Маврово и Ростуше горат ниска вегетација и нискостеблести растенија кај селото Церово. Во Општина Желино е регистриран активен пожар каде што горат ниска вегетација и папрат.

„Добро е тоа што немаме загинати или повредени и нема изгорени куќи. Состојбата е алармантна, високите температури продолжуваат и денеска и во наредните денови. Најави за дожд нема во наредниот период“, вели Ангелов упатувајќи апел до граѓаните да бидат внимателни.

Противпожарните екипи во изминатите 24 часа успешно локализирале и изгаснале 23 пожари кои зафатија шумски површини, депонии, стрништа и сува трева во повеќе општини низ земјата.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk