logo
logo
logo

Mакедонија со јасна стратешка определба пред целиот свет

ВИДЕО | „МАКЕДОНСКИТЕ ГРАЃАНИ ЗНААТ КАДЕ ПРИПАЃААТ – СО НАТО, ЕУ И САД“, порача Мицкоски од говорницата на ОН

Vecer | 25.09.2026

ВИДЕО | „МАКЕДОНСКИТЕ ГРАЃАНИ ЗНААТ КАДЕ ПРИПАЃААТ – СО НАТО, ЕУ И САД“, порача Мицкоски од говорницата на ОН

Премиерот Христијан Мицкоски од говорницата на Обединетите нации испрати јасна порака за стратешкиот курс на Македонија, потенцирајќи дека државата цврсто стои со НАТО и САД и останува посветена на полноправното членство во Европската Унија.

– Македонските граѓани знаат каде припаѓаат. Ние сме сојузник во НАТО. Соединетите Американски Држави се наш стратешки партнер. Полноправното членство во Европската Унија е наша стратешка определба. Тоа не се три одвоени политики. Тоа е една геополитичка ориентација, втемелена врз демократијата, колективната безбедност, владеењето на правото и отворената економија. Во време на неизвесност, нашиот одговор не е стратешка двосмисленост. Нашиот одговор е јасност – рече премиерот Мицкоски во обраќањето на 81. Генерално собрание на ОН.

Но, наведе Мицкоски, јасноста во нашите сојузи не значи вртење грб на светот.

– Напротив. Токму држава што е сигурна во своите демократски и стратешки избори може со поголема самодоверба да разговара и да соработува со земји што имаат поинаква историја, поинакви интереси и поинакви политички погледи. На светот не му е потребна уште една поделба на трајни табори. Потребна му е конкуренција со граници и со правила што сите мора да ги почитуваат. Сојузи што преземаат одговорност. И меѓународни институции што остануваат простор за дијалог токму тогаш кога дијалогот е најтежок – порача премиерот Мицкоски.

Петседателот на Владата Христијан Мицкоски во заклучоците на своето обраќање пред Обединетите нации, се осврна на идентитетските прашања и прашањата на историјата.

– Ваши екселенции, ние сме мала земја. Но, одбиваме големината на нашата територија да го одредува размерот на нашата амбиција. Нашата амбиција е да станеме сериозна држава. Држава на која нејзините сојузници можат да ѝ веруваат. Држава во која младите можат да ја планираат својата иднина. Држава што ги почитува различноста и мултикултурниот карактер на своето општество. Држава доволно сигурна во себе за да го брани сопствениот идентитет, без да го негира идентитетот на другите. Држава што ја знае својата историја, но не е заробена во неа. И држава што не очекува другите да ја изградат наместо неа. За мене, тоа е современ суверенитет. Не изолација. Способност – рече Мицкоски.

Претседателот на македонската влад го цитираше генералниот секретар на ОН и неговото ставање акцент на народите, независно од нивната големина.

– Оваа година, генералниот секретар Антонио Гутереш нѐ потсети дека Повелбата започнува со зборовите: „Ние, народите“. И додаде: „Не ние, моќните. Не ние, победниците“. Во тие неколку зборови лежи причината поради која една мала европска земја продолжува да верува во оваа Организација, дури и кога е разочарана од неа. Затоа што алтернативата на свет управуван според правила не е свет во кој сите се слободни. Тоа е свет во кој најсилните се најслободни. А сите други зависат од нивната добра волја. Таков свет можеби за миг може да изгледа ефикасен. Но никогаш не е стабилен – истакна премиерот Мицкоски во обраќањето пред Генаралното собрание на ОН во Њујорк.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk