Светот се наоѓа во период на длабока трансформација, во којшто старите модели се исцрпуваат, а новите сè уште не се оформени, рече претседателката Гордана Сиљановска Давкова на Парискиот мировен форум, на панел-дискусијата „Одбрана на линијата: Суверенитет во ера на хибридни закани”.
Потсетувајќи на Антонио Грамши за концептот „interregnum“, Сиљановска Давкова предупреди дека токму во такви периоди се создава простор за политички вакуум и за геополитички ризици, бидејќи, како што нагласи, „политичкиот вакуум никогаш не трае долго“, а тоа особено важи за Балканот.
Зборувајќи за европската перспектива на регионот, претседателката порача дека земјите од таканаречениот Западен Балкан не се периферија на Европа, туку нејзин природен географски, историски и културен дел.
Сиљановска-Давкова посочи дека Македонија 21 година има кандидатски статус и дека зад неа стојат 17 позитивни извештаи, но и покрај тоа сè уште не го започнала преговарачкиот процес.
Говорејќи за бројните уставни измени, Сиљановска Давкова ја отвори и суштинската дилема за суверенитетот и демократскиот легитимитет, потсетувајќи дека Уставот не е само највисок правен акт, туку и општествен договор.
– Мојот суверенитет извира од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. И мојот легитимитет исто така – порача Претседателката, повикувајќи на владеењето на правото, како и почитување на човековите права и слободи.
Наместо само да бара од земјите од Западен Балкан да бидат поотпорни, Европската Унија треба да ја зајакне нивната отпорност со забрзување на процесот на нивната интеграција во ЕУ, додаде таа.
Претседателката предупреди дека во современиот свет, обележан со вештачка интелигенција, дигитализација и со нови форми на хибридни закани, одговорот не може да биде само надворешна отпорност, туку и внатрешна демократска и институционална цврстина.
Одговарајќи на прашањето за протестите во повеќе европски земји, во кои особено активно учествуваат младите, таа нагласи дека тие не треба се третираат само како иднината, туку како рамноправни учесници во сегашноста и во процесите на одлучување. Според неа, односот кон младите мора да се темели на почит, еднаквост, охрабрување и нивно активно учество во носењето одлуки. За неа, дијалогот меѓу генерациите е предуслов за опстанок во свет кој повеќе не може да се гради врз изолираност.
На крајот, таа порача дека Европа не може да биде целосна без стабилен и демократски Западен Балкан, а европската безбедност не може да се одвои од безбедноста на регионот.
На панел дискусијата учествуваа и литванскиот претседател, Гитанас Науседа и ерменскиот премиер, Никол Пашинјан.
Претходно Сиљановска Давкова одржа билатерална средба со Науседа.
На средбата тaa го поздрави денешното отворање на нашата прва резидентна Амбасада во Вилнус и изрази очекување за продлабочување на македонско-литванската политичка, економска и институционална соработка.
Соговорниците разменија ставови за процесот на проширување на Европската Унија, состојбата во регионот на Западен Балкан, како и за македонските предизвици во пресрет на литванското претседавање со Советот на ЕУ од јануари 2027 година.
Сиљановска Давкова и Науседа се согласија дека реформите и Копенхашките критериуми се клучните параметри за членство во ЕУ на земјите-кандидатки и дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во процесот на проширување.
Претседателката посочи дека соседите може да имаат позитивна улога во европската интеграција на регионот, укажувајќи на примерот на скандинавските земји, кои целосно ги поддржаа балтичките држави пред нивното членство во ЕУ во 2004 година.
Таа го информираше претседателот на Литванија за македонските преземени чекори на патот кон ЕУ, како и за прашањата со коишто се соочува земјата, од добивањето на кандидатскиот статус во 2005 до денес.
Сиљановска Давкова истакна дека продолжуваат македонските напори за конструктивен дијалог со соседна Бугарија, но нагласи дека за тоа е неопходно двете страни да пристапат кон процесот со добра волја.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата