Управата за јавни приходи објави податоци за исполнувањето на даночните обврски за септември 2026 година, кои покажуваат различен степен на навременост кај обврските за плати и ДДВ. Од вкупно 74.782 работодавачи кои имале обврска да исплатат бруто-плати за 553.040 вработени, само 49.439 работодавачи ја исполниле обврската во законскиот рок до 15 октомври. Со тоа, социјалните придонеси биле навремено платени за 481.003 вработени, односно 86,97 % од вкупниот број.
Подобрена е дисциплината кај поднесувањето на ДДВ-пријавите. Навреме ги поднеле 98,5% од месечните и 97% од тримесечните ДДВ-обврзници. Сепак, од пријавениот даночен долг од 5,578 милијарди денари, во законскиот рок биле наплатени 2,542 милијарди денари, односно 45,6%.
Од УЈП информираат дека за ненавремено подмирените обврски следуваат законски мерки, вклучително опомени, глоби и присилна наплата. Институцијата најавува и продолжување на превентивните известувања до даночните обврзници, со цел поттикнување доброволно и навремено плаќање.
Од Управата порачуваат дека даночната дисциплина е важен показател за одговорно работење и ефикасно полнење на државниот буџет.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата