logo
logo
logo

ВИДЕО | КРУШЕВИЦА ПОД ОГНЕНА ЗАКАНА - Пожарникарите ноќеска го сопреа огнот пред да стигне до селото

Vecer | 19.08.2026

ВИДЕО | КРУШЕВИЦА ПОД ОГНЕНА ЗАКАНА - Пожарникарите ноќеска го сопреа огнот пред да стигне до селото

Тешка ноќ зад себе имаат пожарникарите кои синоќа се бореа со огнената стихија кај прилепското село Крушевица во Мариово. Пламените јазици се заканувале да се приближат до селото, но пожарникарите успеале да го сопрат ширењето на огнот и да го повлечат под патот, со што значително е намалена опасноста за Крушевица. Доцна синоќа, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, информираше за состојбата на теренот.

„Имавме огнена битка во непосредна близина на селото Крушевица, но успеавме да го сопреме и да го повлечеме скроз долу од патот. Многу чад, тешко е за дишење и многу ризик. Но мораме, бидејќи селото е во прашање“, рече Ангелов, додавајќи дека во еден момент еден од тимовите останал без вода и морал да се повлече за да обезбеди нови количества. Ангелов ја нагласи улогата на возилата „пинцгауер“, како и на нивните возачи кои, според него, одиграле клучна улога во интервенцијата.

„Да не беа ‘пинцгауерите’, ова ќе беше страшна ситуација. Благодарение на храбрите возачи, бивши специјалци“, истакна Ангелов.

Во текот на изминатото деноноќие во земјава се регистрирани вкупно 37 пожари на отворен простор, од кои три и натаму се активни, еден е ставен под контрола, а 33 се целосно изгаснати, информира Центарот за управување со кризи.

Според информациите до 7:30 часот утрово, активни пожари има на подрачјето на општините Студеничани, Македонски Брод и Прилеп.

Во Студеничани, пожарот се шири на потегот од селото Моране кон Вртекица и Рамни Габер, при што гори мешана шума.

Активен е и пожарот во општина Македонски Брод, на месноста Видуш, кај селото Драгов Дол и кај Локвица. Таму е зафатена ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки.

Пожарот во Прилеп и натаму е активен. Огнот кај селото Чаниште се движи во два правци – едниот крак кон селото Зовиќ, а другиот кон Крушевица. Зафатена е ниска вегетација.

Пожарот во Делчево, каде што гореше депонија, е ставен под контрола.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk